Патот до Ф4 на Вардар: Бајката почна во Шведска, нека продолжи во Келн

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Вардар ја игра својата историска сезона во Лигата на шампионите, откако „црвено-црните“ по неколку неуспешни обиди, конечно стигнаа до посакуваниот резултат – пласман на фајналфор турнирот во Келн.

Само за потсетување, оваа авантура на „вардарци“ почна во групата Б од елитното европско натпреварување, во кое македонскиот првак делуваше импресивно. Во првото коло избраниците на Гонзалес во Шведска му гостуваа на Кристијанштад и рутински стигнаа до триумф од 23-28, меч во кој Штербик беше одличен на голот, а Душебајев најефикасен во нападот со седум гола. Во првиот домашен натпревар беше совлада Брест Мешков со 31-27, за потоа на гостински терен лесно и убедливо да се слави и во Словенија над Целје, со резултат 26-32. „Црвено-црните“ славеа над Пик Сегед со 30-27, за во рамките на петтото коло да го претрпат првиот пораз, на гостувањето во Загреб со 28-27, иако по првото полувреме македонскиот состав имаше предност од 12-17.

Бесот од овој неочекуван пораз беше истурен врз Кјелце, па ланскиот европскиот првак „настрада“ во Скопје со 40-34, за потоа да следи нова перфектна партија на македонскиот првак, овојпат на гостувањето во Германија против Некар Левен со 27-33, меч на кој блесна Канелјас со десет погодоци. Германските „лавови“ собраа сили за реванш и го освоија „Јане Сандански“ со 26-29. Следеше неуспех на гостувањето против Кјелце (27-24), но мини-кризата беше експресно надмината, „вардарци“ најпрвин му се реваншираа на Загреб со победа од 25-20, а потоа во клучниот меч ја освоија и Унгарија, триумфирајќи над Пик Сегед со 21-23.

Со победата над Целје од 35-30 и неочекуваните „киксови“ на Кјелце и на Некар Левен беше јасно дека „црвено-црните“ ќе ја освојат првата позиција во групата, па затоа и поразот во Белорусија од Брест Мешков (30-26) не беше никаква трагедија. Во последното коло потешко од очекувањата совладан беше Кристијанштад, како увертира за она најважното… четвртфиналето.

Рундата во која беа запирани во претходните три сезони овојпат „вардарци“ ја минаа беспрекорно, со две лекции по модерен ракомет за Љубомир Врањеш и Фленсбург (првата во Германија со 24-26, втората во Скопје со 35-27).

Ете, желбата се исполни – Вардар е дел од елитата во Келн. Но, спортот не би бил спорт доколку апетитите се секој успех не растат се повеќе и повеќе, па така и „црвено-црните“ сега најавуваат атак на самиот трофеј во ЛШ. За бајката што почна во Шведска да заврши со хепиенд овде во Келн.

Се вчитува...