Печат на првото место – кадетите убедливи со Словачка

Македонската репрезентација за кошаркари до 18 години ја обезбеди првата позиција на табелата во групата Б на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Орадеа, Романија, откако денеска ја декласира Словачка со 83-58.

Словаците создадоа неочекувани проблеми во првата четвртина, што нашиот состав ја загуби со 16-18. Сепак, воспоставивме целосна контрола во вториот период, кога беше направен пресврт и на одмор се замина со предност од 42-30. Удобната позитива му овозможи на селекторот Симиќ да ги одмори клучните играчи, а предноста дополнително се зголеми се до конечните „плус 25“.

Андреј Јакимовски го заврши натпреварот со дабл-дабл учинок од 10 поени и 10 скока, надополнети со пет асистенции. Со 10 поени мечот го заврши и Дарио Митевски, а Марко Миловановиќ и Виктор Исајлоски постигнаа по 9 поени. Со триумфот над Словачка, Македонија го осигура првото место на табелата, а во последното коло нашите надежи ги очекува меч со Данска кој нема никакво резултатско значење.

Се вчитува...