Пеколни баражи во Штип и во Струмица: Тиквеш и Скопје преку Воска и Беласица за прволигашки опстанок!

Повеќе од интересни бараж-пресметки за опстанок во прволигашкото друштво денеска во Штип и во Струмица.

Огромно внимание привлекува двобојот меѓу Тиквеш и Воска Спорт кој ќе се игра на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица. Јасна е желбата и на двата тима за место во елитното друштво, иако објективно Тиквеш ја носи фаворитската улога.

„Јасно е дека овие натпревари низ кои во 90 минути се се решева секогаш се тешки за играње, но за нас единствена опција е победата. Не размислуваме на ништо друго освен на останување во Првата лига. Верувам дека ќе ја исполниме целта и со поддршката на нашите навивачи во Струмица“ – вели стратегот на кавадарчани, Влатко Костов.

Во Штип, пак, ќе се соочат Скопје и Беласица. И во овој случај досегашниот прволигаш ја носи фаворитската улога но Беласица и тоа како посакува изненадување.

„Се мобилизираме максимално за овој дуел. Секако јасно е дека Скопје посакува прволигашки опстанок кој мислам, според игрите, го заслуживме и низ регуларниот дел. Но, како и да е, верувам дека ќе биде потврден денеска“ – вели тренерот на Скопје, Љупчо Марковски.

БАРАЖИ ЗА ПРВА ЛИГА (денеска, 17 ч.)

Штип: СКОПЈЕ – БЕЛАСИЦА

Струмица: ТИКВЕШ – ВОСКА СПОРТ

Се вчитува...