Пелистер им се врати на победите – „стотка“ и против Кожув

По поразот од ТФТ, Пелистер им се врати на победите откако славеше на домашен терен против Кожув со 102-81. По изедначената прва четвртина, избраниците на Илиевски ја превземаа иницијативата и веќе до полувремето стигнаа до недостижна предност, со што ја оправдаа фаворитската улога.

Двата тима го отворија натпреварот со висока реализација од поле, а во играта во „мини серии“, битолчани беа оние кои имаа минимална предност на крајот на првата четвртина (26-24). „Зелено-белите“ продолжија со добриот напаѓачки ритам и во втората четвртина, а ја зацврстија и одбраната па преку добрата транзиција ги корситеа грешките на гевгеличани, во чии редови едниствен расположен беше Силаџи, па веќе до полувремето Пелистер стигна до убедлива предност од 62-44.

Гевгеличани преку серијата на тројки на Симоновски и Караџовски стигнаа до негатива од 72-57 на средината на третата четвртина, меѓутоа Пелистер возврати на спротивната страна со добрата одбраната. Избраниците на Илиевски ги користеа изгубени топки на „црвено-белите“, а преку расположениот Кесар ја вратија високата предност (85-66). До крајот на натпреварот следеше само формалност во која Пелситер во шестата средба оваа сезона ја надмина границата на сто постигнати поени.

Бобан Стајиќ и Игор Кесар го предводеа домашниот состав со по 21 поен, на кои бекот додаде и 7 асистенции, додека центарот натпреварот го заврши со 5 скока. Нив ги следеше Никола Малешевиќ со 19 поени и 3 украдени топки. Никола Силаџи беше првото име кај гостите со 27 поени и 6 скока, додека него го следеше Димитар Караџовски со 14 поени и 6 асистенции. Како двоцифрен со 10 поени и 3 асистенции натпреварот го заврши и младиот Томислав Петров.

 

Се вчитува...