Пелистер не дозволи изненадување, триумф над Куманово за враќaње во победничи ритам

По поразот од Феникс 2010, Пелистер преку Куманово им се врати на победите во 17.то коло од домашниот кошаркарски шампионат, откако на гостински терен славеше со 60-79.

Кошаркарите на Куманово очигледно влегоа високо мотивирани во овој меч уште од самиот старт, а тоа го докажаа на паркетот демонстрирајќи одлична одбрана и брз котнранапад. Љубиша Димитровски доминираше кај домаќините, а ваквиот пристап кон играта им донесе резултатска предност во првата четвртина од 17-12.

Во втората четвртина се играше кош за кош, а тензијата постојано растеше како на трибините, така и на теренот. Ваквата атмосфера негативно влијаеше на Куманово, па гостите преку Никола Малешевиќ направија одлична серија и на пауза заминаа со минимална предност од 31-33.

Тренерот на КК Пелистер, Марјан Илиевски веројатно имаше што да им каже на своите кошаркари за време на паузата. Битолчани на терен излегоа како сосема нов тим, ја презедоа контролата над играта и покажаа вистинска доминација во нападот и одбраната. Домаќините не можеа да го следат ваквото темпо на игра, нивните грешки беа искористени за висока предност на гостите, па со резултат од 14-28 се заокружи третиот период.

Тимот на Битола искусно ја задржа преходно стекнатата предност, па последната четвртина ја одигра рутински за враќање во победнички ритам. Со овој триумф кошаркарите на Илиевски повторно му избегаа на второпласираниот МЗТ Скопје, кој е главен конкурент во борбата за лидерското место во првата македонска кошаркарска лига.

Најефикасен во редовите на Пелистер беше Малешевиќ со 18 поени, кај Куманово се истакна Александар Андрејевиќ со 15 поени.

Се вчитува...