Пелистер немоќен пред гостиварската „артилерија“

Фантастичната серија на Гостивар во новата година продолжува и по дуелот во „Боро Чурлевски“ каде во заостанатиот натпревар од шестото коло, „сино-белите“ славеа против Пелистер со 111-115. Гостиварската „артилерија“ на чие чело беше Ивица Димчевски со 35 поени, на овој натпревар постигна 19 тројки, одигра клучна одбрана во својот рекет на почетокот на третата четвртина па ја превзема предноста, која умешно ја чуваше до крајот на средбата.

Натпреварот започна во висок ритам на двата дела од паркетот. Битолчани доминираа во рекетот преку високите играчи, постигнуваа поени и преку брзата транзиција, но гостиварчани на спротивната страна одговорија со одличен шут за три поени. Скокот во напад на „сино-белите“ носеше поени од втора шанса, а главна улога во овој дел од мечот одигра и Димчевски кој од клупата даде дополнителна енергија за гостинскиот состав со три постигнати тројки, па по 10. минути игра на семафорот стоеше минимална предност за Пелистер (29-27). Изедначената игра во која што двата тима не ја променија стратегијата продолжи и до полувремето, до кое во еден момент се играше и на серии, но ниеден тим не успеа да направи значајна разлика, па на полувремето резултатот гласеше 56-52.

Избраниците на Србиновски ја зајакнаа одбраната во рекетот на отварањето на второто полувреме, и го примораа домашниот тим на шутеви од далечина, а продолжија со својата игра на спротивниот дел од паркетот, па набргу стигнаа до двоцифрена предност (59-75). Пелистер одговори со агресивна одбрана во својата половина, која го поремети ритамот и ги промора „сино-белите“ на изгубени топки кои брзата транзиција на домаќините умешно ги користеше на спротивната страна, па намали на 76-80. Финишот на третата четвртина сепак му припадна на гостинскиот состав кој ја зацврсти одбраната, преку расположениот Димчевски повторно стигна до висока предност (76-89), а Пелистер во последната четвртина остана и без услугите на Бојан Трајковски кој поради неспортската лична грешка беше исклучен од дуелот.

Преку високиот „пресинг“, Пелистер се обиде да го извади од ритам гостинскиот состав, кој пак наоѓаше решение со истекот на нападот. „Зелено-белите“ стигнаа до 109-114 на осум секунди пред крајот на дуелот, но не успеа дополнително да ја намалат предноста и да ја загрозат победата на Гостивар.

Со по 21 поен предводници на Пелистер беа Бојан Трајковски и Никола Малешевиќ, на кои Македонецот додаде 5 скока, додека Србинот 7. Нив ги следеше Игор Кесар со 18 поени, 7 скока и 6 асистенции, додека Бобан Стајиќ натпреварот го заврши со 15 поени и 5 асистенции. Прво име во редовите на Гостивар со 35 поени и 9 скока беше Ивица Димчевски, додека 20 поени, 8 асистенции 6 скока додаде Џоџо Вокер. Александар Костоски реализираше 17 поени и 4 асистенции, додека како двоцифрен со 16 поени и 8 скока натпреварот го заврши и Џалон Фрајдеј.

Се вчитува...