Пелистер остана непоразен во Кратово

Повратникот во елитното друштво, тимот на Пелистер, по две кола е непоразен во Првата фудбалска лига. Составот на Зоран Штерјовски по стартниот триумф над Академија Пандев, денеска одигра 2-2 на гости кај Силекс. Кратовци исто така имаат 4 бода по првите две воведни кола, а сега ги очекува гостување во Азербејџан и дуел со Карабах во квалификациите за Лигата на шампионите.

Лавдрим Фазлиу го доведе Пелистер во водство во шестата минута, откако се снајде добро во противничкиот шеснаесетник, шутираше и го изненади Даниел Божиновски кој беше покриен од еден одбранбен фудбалер. Силекс успеа да израмни со погодокот на Бурхан Мустафов во 43.минута.

На стартот од вториот дел, Иван Ивановски донесе пресврт постигнувајќи втор гол за Силекс во 53.минута. Сепак, поранешниот играч на Силекс, Ѓорѓи Танушев, во 76.минута постигна израмнувачки гол за Пелистер на овој меч. Тој на прекрасен начин изведе слободен удар и ја затресе мрежата на Божиновски.

Се вчитува...