Пелистер остана перфектен – битолската „артилерија” го потопи и МЗТ Скопје

Вториот натпревар од 11. коло ни донесе одличен дуел во „Боро Чурлевски“ каде Пелистер ја продолжи серијата на победи со триумф над МЗТ Скопје од 88-85, во неизвесен натпревар кој беше одлучен во последната минута. Битолчани одиграа одлично второ полувреме во кое во поголемиот дел ја одржуваа предноста, но МЗТ Скопје со налет во последните пет минути успеа да се врати во натпреварот, но не и да поведе, па Пелистер остана непоразен по осум натпревари. Денешниот меч го отслика центарскиот дуел Кесар-Олуџоби кој беше „виновен“ за вкупно 65 поени.

Натпреварот започна со изедначено темпо од самиот старт. МЗТ Скопје започна со ниска петорка која го развелече теренот и истото го искористи со шутот од далечина. Аеродромци погодија шест обиди за три поени, од кои три Олуџоби па постојано ја одржуваа предноста. Пелистер возврати преку центарска линија каде што незапирлив беше Игор Кесар па по десет минути игра на семафорот стоеше предност на госите од 25-29. Одбраната беше во преден план во втората четвртина, а истата донесе и лесни поени за „сино-белите“ на спротивната страна. Избраниците на Кочов трчаа добро на двата дела од теренот, а со добриот проток на топката стигнаа до двоцифрена предност (28-38). Тајмаутот на Илиевски го консолидираше домашниот тим кој заигра далеку подобро. Трајковски, Малашевик и Кесар ја искористија висината и лесно постигнуваа поени во рекетот на гостинот па на полувремето резултатот гласеше 43-44.

На почетокот на второто полувреме Пелистер ги зема работите во свои раце. Кај избраниците на Илиевски проработе и шутот за три поени па „зелено-белите“ бргу стигнаа до двоцифрена предност. МЗТ Скопје на момент се консолидираше, меѓутоа големиот број на изгубени топки во третата четвртина резултираше со поени на спортивната страна. Пелистер постојано ја одржуваше „комотната“ предност, меѓутоа падот на концентрацијата во последната минута донесе серија од 7-0 со која МЗТ Скопје намали на 70-63 на крајот на третата четвртина. Резултатската неизвеност „сино-белите“ ја вратија на самиот почеток на одлучувачката четвртина (72-70), но на крилјата на Малешевиќ и неговиот шут за три поени, „зелено-белите“ повторно резултатски се одлепија, а добрата игра на Пелистер продолжи со серија од 15-2 по која резултатот гласеше 85-72 на пет минути пред крајот. Тајмаутот на Кочов вроди плод, МЗТ Скопје ја промени одбраната и заигра далеку поагресивно, а проработе и нападот, па аеродромци со серија од 13-0 стигнаа до изедначување на 55 секунди пред крајот (85-85). Калахан поентираше во следниот напад и ги врати домаќините во предност, а МЗТ Скопје го имаше последниот напад на натпреварот, но во два обида „металците“ не успеаа да донесат продолжение.

Најрасположен во домашниот состав со 27 поени и 9 скока беше Игор Кесар, додека него го следеше Никола Малешевиќ со 22 поени и 11 скока. Како двоцифрен натпреварот го заврши и Џоран Калахан кој дополни 15 поени и 5 асистенции. Феми Олуџоби беше незапирлив во „сино-белиот“ дрес со 38 поени и 8 скока, додека Дамјан Стојановски и Бојан Крстевски забележаа по 10 поени.

Се вчитува...