Пелистер со одлична игра во денешното четвртфинале го совлада Феникс со убедливи 81-70, за место во полуфиналето од Купот на Македонија. Битолчани лани беа елиминирани токму од овој ривал, но вечерва избраниците на тренерот Дарко Радуловиќ го одиграа еден од најдобрите овосезонски натпревари, доминираа над незгодниот состав од Скопје и заслужено стигнаа до победата. Воедно, со играта на вечерашниот дуел без оглед на падот на темпото во завршните минути, битолскиот тим покажа дека поседува квалитет за да се бори за трофејот, за што најпрвин ќе мора да слави во утрешното полуфинале со Еуро Никел.
Гостите од Скопје подобро го отворија натпреварот, користејќи ги своите напади додека Пелистер инсистираше на обиди од далечина, при што битолчани влегоа во серија на промашувања. Феникс имаше почетни 6-14, но по тајмаутот на Радуловиќ домаќините заиграа подобра одбрана, додека во нападот Андреј Маслинко погоди важни шутеви и го внесе својот тим во ритам. Пелистер направи серија од 12-0 и на крајот ја доби првата четвртина со 20-16, по што битолчани беа подобар тим и на стартот од втората четвртина, во која со двете тројки во серија на Американецот Најт поведоа со 29-20. Дервишевиќ побара тајмаут, по што Феникс ја врати сигурноста во нападот, искусниот Бојан Трајковски погоди две тројки до крајот на полувремето и помогна негативата да се истопи на само три поени и на одмор да се замине со водство на Пелистер од 38-35.
Второто полувреме почна со тројка на Андреј Магдевски, Феникс намали на 41-39, но Пелистер повторно влезе во ритам во нападот и со тројката на Маслинко се врати на „плус шест“ (47-41). Серијата продолжи, во следниот напад тројка погоди и Костоски, па Дервишевиќ во 25. минута беше принуден да побара нов тајмаут при негатива на неговиот тим од 50-41. Советите на тренерот на Феникс не вродија со плод, Пелистер продолжи да торпедира со шутеви од далечина, па по тројките на Костоски и на Лука Стојановски предноста на домаќините експресно скокна на 15 поени (58-43), принудувајќи го гостинскиот стратег на уште еден тајмаут.
Битолчани за момент се опуштија и почнаа да губат топки во нападот, Феникс преку Димчевски погоди тројка за 58-47, по што Радуловиќ беше принуден да го побара својот прв тајмаут во второто полувреме. Во последните десет минути се влезе со предност на Пелистер од 58-47, за битолчани фуриозно да го стартуваат и четвртиот период, па предводени од извонредниот Андреј Магдевски да поведат и со 69-51. Феникс дефинитивно капитулираше, а „пелистерци“ полни со самодоверба знаеја како да ги реализираат своите напади, па преку Хот ја надминаа и границата од „плус 20“ (78-57).
Триумфот беше осигуран, па домашниот тим се опушти во завршните минути, а Феникс го искористи тоа и набрзина „стопи“ десет поени од големата негатива. Радуловиќ побара тајмаут при 81-70, по што Пелистер рутински го приведе мечот до крај, славејќи со конечни 81-70 откако во последните две минути двајцата тренери ги уфрлија во игра дел од младите кошаркари во своите редови.
Андреј Магдевски одигра одличен меч и со 17 поени ги предводеше стрелците на Пелистер, 14 поени постигна Маслинко, а 11 Лука Стојановски. На спротивната страна, најефикасни кај Феникс беа Џонс со 20 поени и Бојан Трајковски со дабл-дабл од 16 поени и 11 скокови.
Утре на програмата во салата „Боро Чурлевски“ во Битола се полуфиналните пресметки, најпрвин во 17 часот силите ќе ги одмерат вечните скопски ривали Работнички и МЗТ Скопје, а од 19.30 часот е закажано второто полуфинале меѓу Пелистер и Еуро Никел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА