Пелистер покажа карактер, се „врати од мртвите“ и ја освои Гевгелија

Заостанатиот натпревар од првото коло помеѓу Кожув и Пелистер донесе возбудување во „26ти Април“ каде на „црвено-белите“ и „зелено-белите“ им беа потребни дополнителни пет минути, откако во регуларниот дел двата тима ги пропуштија своите шанси за славје. И покрај лошата реализација за три поени, Пелистер успеа да стигне до победа од 83-88 преку добрата одбрана во дополнителниот дел каде не дозволија поени на противникот цели три минути.

Пелистер иницијативата ја зема уште на самото отварање на натпреварот. Добриот проток на топката носеше лесни поени за „зелено-белите“ кои играа добро и во одбраната па поведоа со 10-22 по 10 минути игра. Кожув запрети на отварањето на втората четвртина преку Караџовски и Силаџи, меѓутоа тајмаутот на Илиевски го консолидираше Пелистер. Гостите повторно ја заиграа својата игра и ја вратија двоцифрената предност преку одличниот Игор Кесар, за кој домашниот состав немаше одбрана, па на полуврмето на семафорот стоеше предност од 33-43 за битолчани.

Добриот напаѓачки ритам од вторите десет минути Кожув го пренесе и во второто полувреме во кое одигра и поагресивно во одбраната со што го наруши ритамот кај гостинскиот состав и го натераа Пелистер на изгубени топки. Избраниците на Јончевски го затворија и рекетот со што ги приморија „зелено-белите“ на шут од далечина, кој оваа вечер не ги служеше битолчани, па по 30 минути игра имаа негатива од само „минус“ еден (58-59). Двата тима се мачеа да постигнат поени на самиот почеток на одлучувачката четвртина, а први иницијативата ја превземаа гостите кои преку Кесар и Трајковски стигнаа до предност од 60-66. Кожув возврати преку Скот на другата страна од теренот, а по неспортската лична грешка на Малешевиќ, Кожув премина во водство (67-66). Во преостанатиот дел од натпреварот следеше неизвесно темпо кое го отсликаа грешките во двата тима. Кожув поведе со 72-68 по тројката на Скот на 80 секунди пред крајот, меѓутоа тоа беа и последните поени за гевгеличани во регуларниот дел од натпреварот. Пелистер го изедначи резултатот преку Кесар и Калахан (72-72), а Американецот имаше шанса и да го реши натпреварот, но промаши во својот обид по што следеа дополнителни пет минути.

Во продолжението Кожув се мачеше да стигне до поени, промашуваше отворени обиди кон противничкиот кош, додека Пелистер главно поентираше преку линијата за слободни фрлања. Клучниот момент на натпреварот беше тројката на Бобан Стајиќ со кој „зелено-белите“ заминаа на предност од 72-80 на две и пол минути до крајот. Кожув ја консолидира својата игра и повторно запрети, но прекасно за нов пресврт.

Никола Силаџи беше првото име кај Кожув со 27 поени и 9 скока, додека Димитар Караџовски додаде 18 поени и 6 асистенции. Игор Кесар ги предводеше гостите со дабл-дабл учинок од 24 поени и 10 скока, додека Чаз Вилијамс натпреварот го заврши со 16 поени и 3 скока.

Се вчитува...