Пелистер убедлив против Борец, Радовиш лесно го освои Прилеп

Ракометарите на Пелистер во првиот натпревар по заминувањето на тренерот Томе Петрески стигнаа до триумф, и тоа над екипата на Борец со убедливи 36-23. Дека битолчани имаат проблеми очигледно беше во првото полувреме, кога против тимот кој поради сериозните финансиски проблеми е најслаб во лигата едвај стигнаа до еден гол предност (13-12). Велешани загубија здив во вторите 30 минути, а „пелистерци“ знаеја како да го искористат тоа, постигнаа дури 23 гола во овој дел од мечот и ги прокнижија планираните бодови.

Милан Поповиќ беше главна фигура со десет гола, а втор стрелец на Пелистер беше Вук Перовиќ со пет погодоци. Најефикасен во таборот на Борец беше Илиевски со девет постигнати гола.

Радовиш на гостински терен го совлада Прилеп со 25-33, меч во кој радовишани доминираа уште во првиот дел (11-16) и на крајот сосема заслужено стигнаа до триумф. Ивица Илиев одигра извонреден натпревар со 12 гола придонесувајќи во триумфот на Радовиш, а прв стрелец на Прилеп во денешниот пораз беше Пеце Ѓорѓиевски со осум погодоци.

Се вчитува...