Битолски Пелистер ја оправда фаворитската улога против КК Ангели откако славеа на домашен терен со 76-58 во претпоследниот натпревар од 20. коло во кошаркарската лига на Македонија.
Лидерот во домашниот шампионат заедно со МЗТ Скопје настапи во последниот балон од АБА 2 лигата, па поради тоа во текот на оваа седмица го игра својот натпревар од оваа рунда. Битолчани уште од самиот старт тргнаа фуриозно. На гостите им дозволија само шест поени, а по десет минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 32-6. Во вториот период Ангели успеа да пружи отпор и со четири поени да ја добие четвртината, а на пауза да замине со негатива од (47-25).
И третиот период помина во егал игра, откако домаќините ја контролираа играта, а аутсајдерот некако успеваше да не дозволи да се случи решетање на неговиот кош како во првата четвртина (61-41). До крајот Пелистерци со уште една рутинска четвртина го приведоа мечот до самиот крај за конечни 76-58.
Дејвид Хотон со 18 поени беше прво име во победничкиот табор, додека Стојан Ѓуровски заврши со 15 поени. Кај поразените најефикасен беше Наумоски со 14 поени.
Пелистер со овој триумф се зацврстува на првата позиција со скор од 18 победи и два порази, додека Ангели остануваат на само две победи и во плеј-аутот ќе имаат тешка задача да успеат да обезбедат опстанок во македонската елита.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА