„Пелистерци“ го скршија отпорот на незгодниот Тинекс Пролет

Еурофарм Пелистер прокнижи нови бодови во Супер-лигата, славејќи на гостувањето против Тинекс Пролет со резултат 22-26. Скопскиот тим се покажа како незгоден ривал, во голем дел од мечот му парираше на фаворитот, но квалитетот и искуството на „пелистерци“ беа пресудни за битолчани да стигнат до цел плен на овој натпревар.

Дуелот почна во израмнета борба, Пролет поведе со 2-0, но гостите експресно одговорија со два погодоци на своето конто. „Пелистерци“ за првпат дојдоа до „плус два“ поведувајќи со 4-6, но потоа Пролет заигра извонредно и во нападот и во одбраната, што резултираше со голем пресврт и водство на домашниот тим од 9-6. Словенецот Домен потоа ја презеде контролата, постигна неколку погодоци во низа, а Еурофарм Пелистер се врати и поведе со убедливи 9-14, пред Андоновски и Палевски да бијат прецизно во последната минута и на одмор да се замине со водство на актуелниот шампион од 11-14.

Домашните ракометари подобро го почнаа вториот дел, па во 35. минута со голот на крилото Димов намалија на 14-15. При 15-16 исклучување заработи Палевски, што битолчани знаеја да го искористат и набрзина да ја вратат удобната предност до 15-18. При овој резултат домашниот состав не реализираше и пенал, а откако кризата во нападот продолжи, а „пелистерци“ поведоа со 15-19, тренерот Лембанов беше принуден да побара тајмаут. Андоновски ја прекина серијата на Пелистер, но гостите не дозволија целосен камбек. Пролет не се предаде до самиот крај, имаше можност да се избори за неизвесен финиш промашувајќи при 21-24 на четири минути до крајот, по што битолчани ја зголемија предноста до крајот, славејќи со конечни 22-26.

Тајник со пет и Радивојевиќ со четири погодоци беа најефикасни во победничкиот тим, додека Василевски, Димковски и Палевски со по четири гола ги предводеа стрелците кај Пролет.

Еурофарм Пелистер сега продолжува со предизвиците во Лигата на Шампионите, а на ред е исклучително тешко гостување во Париз против ПСЖ предводен од поранешниот македонски селектор Раул Гонзалес.

Се вчитува...