Пеп Гвардиола ризикува да ги налути Нејмар и останатите фудбалери на ПСЖ во пресрет на утрешниот полуфинален меч од Лигата на Шампионите откако каталонскиот стратег на денешната прес-конференција изјави дека Бразилецот сигурно ќе имал повеќе трофеи во кариерата доколку останел во Барселона.
ПСЖ плати 222 милиони евра за Нејмар, сума што се уште е рекорд во светот на фудбалот, но Гвардиола сепак смета дека подобро за Бразилецот ќе било доколку останел заедно со Меси и Суарез во Барса.
„За мене нема дилема – ако Нејмар останеше во Барселона, тој сигурно ќе имаше уште два-три трофеи во Лигата на Шампионите. Тоа трио со Меси и со Суарез беше незапирливо, најдобриот напаѓачки потенцијал што го имам видено во фудбалската историја. Нејмар потоа од свои причини реши да замине во Париз, не беше тоа лоша одлука, дојде во убав град, добар клуб“, истакна Гвардиола на денешната прес-конференција.
Тој не беше премногу импресиониран од она што ПСЖ го покажа во четвртфиналниот двомеч со Баерн, на кој „светците“ со многу среќа стигнаа до полуфиналето.
„Баерн промаши 50 шутеви на тој двомеч, ПСЖ имаше четири или пет, но сепак победи на крајот. Фудбалот е непредвидлива игра, можеш да имаш многу подобра статистика, но сепак да загубиш. Ние не сме толку добри дефанзивни, главен квалитет ни е што многу трчаме и знаеме да ја држиме топката во свој посед. Мораме да бидеме многу дисциплинирани утре, да го натераме ПСЖ да трча уште повеќе од вообичаено“, изјави стратегот на Манчестер Сити.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА