Перез даде интервју среде ноќ: Никој не ја напуштил Суперлигата… Тажен сум и разочаран, но ова не е крај!

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, еден од главните логистичари на најавената европска Суперлига, среде ноќ се одлучи на интервју за шпанското радио „Кадена“ говорејќи за крахот на проектот кој требаше да ги обедини најдобрите 12 европски тима.

Но, помпезниот најавуваната Суперлига доживеа крах за само 48 часа, по повлекувањето на дури девет клуба. Останаа само Реал, Барселона и Јувентус. Перез, меѓу другото, истакна дека никој се уште не ја напуштил лигата затоа што никој се уште не платил пенали.

„Да, тажен сум затоа што работевме на ова веќе три години. Ла Лига е недопирлива, но форматот на Лигата на шампионите е застарен и интересен само од четвртфиналето. Минатата сезона загубивме 650 милиони евра, и очигледно е дека форматот не е добар. Затоа е Суперлигата која е одлична идеја за спас на фудбалот. И никој се уште во овој момент не ја напуштил Суперлигата, затоа што никој не платил пенали за тоа. Имаше клубови кои не беа посебно заинтересирани за проектот, но потпишаа обврзувачки договори. А, колку се пеналите? Нема тоа да го откријам“ – истакна Перез, дополнувајќи и околу хаотичните 48 часа.

„Никогаш не сум видел таква агресија како таа од претседателот на УЕФА. Тоа беше оркестрирано, од закани до навреди, како некого да убивме. Беше хаотично и Англичаните загубија интерес. Се тргна со агресивна манипулативна кампања, веднаш не оцрнија како група која сака да го убие фудбалот. Но, единствената вистина е дека има луѓе кои имаат привилегии и не сакаат да ги загубат“ – вели Перез.

Од петте најсилни европски лиги единствено клубовите од Германија и од Франција од старт не сакаа да се вклучат во проектот.

„Да, 12 клуба потпишаа обврзувачки договори, и не може сега туку-така да го напуштат проектот. Сакавме постепено да воведеме и други клубови, но УЕФА предизвика шоу. Не ни стигнавме да ја објасниме нашата приказна на наш начин. Не е можно ние кои сме на врвот во фудбалот да губиме пари, а други да го заработуваат. Моја одговорност е Реал да биде пионер во се. Проектот сега е во стенд-бај фаза. Заедно сме. Јувентус и Барселона не се откажуваат, исто така. Се слушнав со Ањели и ќе бараме нови партнери. Клучното прашање е како да се заинтересира младата публика да го следи фудбалот“ – истакнува првиот човек на Реал Мадрид.

 

Се вчитува...