Перишиќ се сели во Лондон, но не во Арсенал

Иван Перишиќ е подготвен да си замине од Интер на крајот од сезонава и да се пресели во Премиер-лигата, но не во Арсенал туку во лондонскиот ривал Тотенхем. Оваа информација во своето денешно издание ја објави весникот „Тутоспорт“, повикувајќи се на извори блиски до асот на Интер. Одлуката за заминување од „Џузепе Меаца“ е веќе донесена, а „нероаѕурите“ ставиле до знаење дека нивниот став ќе биде ист како и во јануарскиот преоден рок – во предвид ќе доаѓа само продажба, никако и позајмица на хрватскиот крилен офанзивец.

Тотенхем стана единствениот премиерлигаш во историјата што два преодни рока по ред не ангажираше ниту едно единствено засилување. Ова значи дека Маурицио Покетино ќе има богат буџет за засилувања, а дел од тие пари ќе бидат искористени токму за ангажманот на Перишиќ, проценет на околу 40 милиони фунти.

Овој трансфер би бил и своевидна одмазда на Перишиќ кон челниците на Арсенал, на чие инсистирање тој зимава поднесе официјално барање за трансфер до Интер, но „топчиите“ потоа воопшто не испратија понуда за негово купување, барајќи само позајмица што „нероаѕурите“ експресно ја одбија.

Се вчитува...