Пет гола на Георгиевски во новата победа на ЧСМ Букурешт

Тимот на ЧСМ Букурешт од клупата предводен од Звонко Шундовски, ја запиша третата победа во серија во првенството на Романија. Во натпреварот од 18.коло, ЧСМ Букурешт на гостински терен славеше против Сату Маре со 24-28 и со новите три бода ја презеде четвртата позиција на табелата. Тимот на Шундовски го реши натпреварот уште во првото полувреме во кое оствари предност од 9-13 и оваа позитива ја задржа до крај.

И во оваа победа важна улога во нападот на ЧСМ Букурешт имаше македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски. Десното крило на ЧСМ Букурешт постигна пет гола, Жилом Сорина беше најефикасен со седум, а шест гола запиша Нику Негру.

Гостинска победа славеа и Златко Даскаловски и Филип Лазаров со екипата на Темишвар против Стеауа (15-20). Добрата игра во одбраната беше клучна за осмата победа на Темишвар во која Лазаров запиша два гола. Најефикасен во победничкиот тим беше црногорскиот бек Марко Симовиќ со седум гола.

Екипата на Одорхеи со македонската трјка во составот, во ова коло беше за еден гол покуса на гостувањето против Турда (29-28). Овој пораз и стави крај на серијата на Одорхеи од три победи по ред. Горан Кузманоски постигна два гола, а Гоце Ојлески и Милорад Кукоски не се запишаа во листата на стрелците. Најефикасни со по шест гола во составот на Одорхеи беа Виталиј Комогоров и Чике Ониејекве со по шест погодоци.

ЧСМ Букурешт моментно е на четвртата позиција со 36 бода, а зад нив на петата и на шестата позиција се Одорхеи со 35 и Темишвар со 28 бода. Водечката тројка на табелата во Романија ја сочинуваат Динамо Букурешт (46), Турда (40) и Констанца (37).

Се вчитува...