Пет македонски клуба добија пари од УЕФА за репрезентативците во своите редови: Најмногу за Шкендија – 170.000 евра, за Вардар – 85.000 евра!

УЕФА ги награди клубовите кои во периодот од 2018 година па се до одржувањето на ЕВРО 2020 имаа репрезентативци во своите редови.

За периодот од 2018 до 2020 година, вкупно 697 клуба од 55 европски национални федерации дале репрезентативци па им беа распределени вкупно 200 милиони евра. Меѓу нив секако и Македонија, односно вкупно пет македонски клуба кои поделија околу половина милион евра, или поточно 419.946 евра.

На листата на УЕФА кои поделија парични средства поради учество на свои играчи во македонската репрезентација се Шкендија, Вардар, Работнички, Академија Пандев и Силекс.

Најмногу средства, 169.450 евра доби Шкендија затоа што низ периодот од 2018 до 2020 година имаше најголем број репрезентативци, Егзон Бејтулаи, Висар Муслиу и Марјан Радески кои беа повикувани во годините пред ЕП, а од нив Бејтулаи како член на Шкендија настапи и на ЕВРО 2020.

Втор клуб кој доби најмногу средства од УЕФА е второлигашот Вардар со 85.457 евра, и тоа поради повиците за Кристијан Тошевски, Марио Младеновски и Даниел Аврамовски од страна на поранешниот селектор Игор Ангеловски во Лигата на нации и квалификациите за ЕП 2020. Работнички и Академија Пандев добија идентични 80.745 евра, за повиците на Ристе Јанков и Дамјан Шишковски како членови на Работнички и Марјан Радески и Љупче Дориев како членови на Академија Пандев.

Интересно, и Силекс си доби 3.548 евра за повикот на голманот Даниел Божиновски за бараж-пресметките од полуфиналето и финалето во Лигата на нации против Косово и против Грузија на крајот од 2020 година.

Извршниот комитите на УЕФА на последниот свој собир во Виена донесе одлука да ги зголеми расположивите средства за следниот круг од 2020 до 2024 година на 240 милиони евра кои ќе ги поделат клубовите врз основа на учество на нивните играчи во националните селекции. Притоа, оние клубови кои ќе имаат свои играчи на ЕВРО 2024 во Германија, ќе има да поделат вкупно 140 милиони евра.

Убедливо најмногу средства за периодот од 2018 до 2020 година имаше за клубовите кои доаѓаат од англиските лиги, кои поделија околу 47 милиони евра. КОМПЛЕТНАТА ЛИСТА НА КЛУБОВИ КОИ ДОБИЈА СРЕДСТВА ОД УЕФА МОЖЕ ДА ЈА ПОГЛЕДНЕТЕ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК.

Се вчитува...