Петровиќ: Долго е првенството…, ковид-ситуацијaта направи големи проблеми

Кога ќе се спомене првиот дел од сезонaта не смее да се заборави на Академија ФМП. Избраниците на Александар Петровиќ се едно од најпријатните изненадувања на сезоната, меѓутоа доколку се земе во предвид и претходната сезона, тимот од Кисела Вода даде до знаење дека „Дуња“ нема така лесно да се освојува. „Пантерите“ ја започнаа сезоната со четири победи, меѓу кои и против Гостивар и Куманово, но следеше и пад во играта при што на крајот на месец декември, тимот забележа два порази во низа, од Пелистер и од МЗТ Скопје 2.

„Задоволни сме од прикажаното во првиот дел од сезоната, имавме некои изненадувачки резултати и покрај тоа што дојде до пад во играта. Но, тие осцилации се настанати поради Ковид-ситуацијата. Тешко е во вакви услови да се одржи форма на екипа, но тоа е тоа, како за сите така и за нас“ – изјави стратегот на Академија ФМП.

Талентираниот тим го краси тимската игра, а тоа е одраз на напорна работа со овие играчи. Сепак истата не може да запре тука и мора да продолжи до крајот на сезоната.

„Ние сме млада екипа и очекувам дека со напредокот на помладите играчи ќе се подигне и општо квалитетот на екипата, а истото ќе се одрази и на самите натпревари. Немаме друга солуција освен да работиме како на индивидуален план, така и на колективен план на тактичките задачи кои треба да ги исполнат играчите“ – додава Петровиќ.

Четирите победи во првиот дел од сезоната носат поволна ситуација за тимот од Кисела Вода до крајот на сезоната. Опстанокот речиси е остварен, меѓутоа тренерот Петровиќ нема да дозволи опуштање на своите играчи.

„Има уште многу да се игра, првиот дел не е ни комплетиран, па ни остануваат и заостанати натпревари. Долго е првенството и се надевам дека мојата екипа ќе покаже добри игри, а со тоа и остварување на добар резултат и место на средината на табелата што би било голем успех оваа сезона“ – истакна искусниот стратег.

Се вчитува...