Петровиќ: Обврска на МЗТ е секогаш да оди на трофеј, на овој тим му треба само позитивна енергија

МЗТ Скопје на прес-конференција денеска го претстави новиот тренер на клубот, Александар Петровиќ. Искусниот стратег во Аеродром се враќа по пауза од единаесет години кога последен пат ги водеше „металците“.

Договорот со Александар Петровиќ е потпишан на една и пол година. Тој вели дека се соочил со голем број проблеми со повредени играчи.

„Се соочив со проблеми какви што не очекував. Имаме отсуство на повредени играчи. Овој тим нема тренирано комплетно цела сезона и тоа сигурно се одразува врз формата и резултатите. Ова не го говорам како алиби бидејќи на крајот на краиштата ние сме МЗТ Скопје и цел ни е да одиме на победа на секој меч и да го освоиме секој трофеј што може да се освои“, вели Петровиќ. 

Тој додава дека негова улога сезонава ќе биде да симне притисокот од грбот на кошаркарите и мора да има максимален ентузијазам во работата.

„Кога се видов со играчите им кажав дека не сум овде да ги учам кошарка. Тие се доволно искусни и квалитетни. Мојата улога овде е да го симнам притисокот од нив. Сметам дека поседуваме и квалитет и искуство, но мора да се внесе позитивна енергија и максимален ентузијазам во работата. Тоа е тоа што го носам јас како тренер. Нормално дека јас како треенер го имам притисокот врз себе, а во случај на победи комплиментите се за играчите. Тоа е нормална работа во спортот. Не се плашам во одговорноста и верувам дека ќе успеем  во остварување на целите“, додава Петровиќ. 

Околу подмладувањето на тимот, тој вели дека е неопходно, но сепак мора да се иде чекор по чекор, а прва цел е освојување на што повеќе трофеи.

„Факт е дека имаме играчи што се веќе во поодминати години и на играчкиот ростер му претстои процес на подмладување во наредниот период. Јас овде видов три млади одлични талентирани играчи со кои ќе се работи напорно и верувам дека може да прераснат во врвни кошаркари. Сепак, тоа е малку подолгорочен процес, а паралелено со тоа ќе одиме да ја исполниме нашата прва цел што повеќе победи и освојување на повеќе трофеи“, заврши Петровиќ. 

Се вчитува...