Крива Паланка е нов шампион во женска сениорска конкуренција. Во финалата серија на плеј-офот беа подобри од екипата на Бадел 1862, ја добија со (3-1), доволно за големо славење.
За прв шампионски трофеј во историјата на женскиот кошаркарски колектив од Крива Паланка, во кој свој особен печат стави шефот на стручниот штаб, Виктор Петровски.
Предводникот на овој тим потенцира неколку работи кои беа дел до оваа најуспешна сезона во постоењето во која, освен домашните задачи, „војуваа“ и во регионалното натпреварување.
„Навистина сум горд на овие девојки, Оваа титула е награда за целиот труд, карактер што оваа екипа ги вложуваше во текот на целата сезона. Сезона која беше доста тешка за девојките, со играње на два фронта, но тоа во WABA2 лигата ни донесе огромно искуство како екипа. Игравме против квалитетни противници, растевме од натпревар во натпревар и покажавме дека можеме да се носиме со силни екипи. Жал останува што кош-разликата нè остави чекор до Final 4,но тоа ни даде мотив плус на сите нас и влеговме уште посилно во домашното првенство“ – вели Петровски за овој сегмент од сезоната.
Смета дека тимот функционирале како едно големо семејство, и дека тука некаде е основата на крајниот резултат – шампионската титула.
„Посебна благодарност до моите играчи, кои цела сезона се жртвуваа и се откажаа од многу работи за да стигнеме до ова што го постигнавме. На секој тренинг и натпревар беа максимално посветени, даваа и повеќе од 1000% од себе и токму затоа овој успех е целосно заслужен. Најголемата сила на овој тим беше тоа што функциониравме како едно големо семејство – со доверба, поддршка и борба една за друга до самиот крај“.
Има и посвета за сите оние кои застанаа зад овој успешен проект.
„На крај, оваа титула ја посветувам на градот Крива Паланка, на сите кои изминатиот период дишеа заедно со нас и живееја со секој наш натпревар,и беа нашиот шести играч и ни дадоа дополнителна сила кога беше најпотребно. Навистина сме многу благодарни за огромната поддршка и љубов што ја добивавме во текот на целата сезона. Голема благодарност и до сите кои стоеја зад овој тим и веруваа во нас од првиот до последниот ден“ – додава Петровски, кој со овој најзначаен трофеј во неговата кариера, стана и најмладиот тренер во Македонија на кого му пошло од рака да дојде до едно такво остварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
