Паралелизмот во македонското пливање и натаму си функционира сосема нормално… Со тоа што некои одржуваат национални првенства, вторите, пак, ги одложуваат. На крај, секако оваа година веројатно ќе си имаме двојни македонски шампиони.
Пливачка федерација на Македонија, онаа предводена од Александар Маленко, кој е признаен од интернационалните институции но не и од домашните, викендов го одржува Летното национално првенство кое ќе се одржи на Олимпискиот базен – Центар во Скопје во термини од 7:30 до 10:30 часот и од 17:30 до 2030 часот.
Како што информираат од оваа ПФМ, свеченото отварање на првенството ќе се одржи денеска од 17:30 часот, а официјално обраќање кон сите учесници ќе има претседателот на МОК, др.Васил Тупурковски.
Од друга страна, пак, Пливачката федерација на Македонија, онаа предводена од Дарко Нашков, кој е признаен од домашните институции но не и од интернационалните, го одложи националното првенство претходно закажано исто така за овој викенд. Како што образложија, од технички причини!?
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА