Пјатек: Не бидете изненадени, ова е само почеток…

Кжиштоф Пјатек е преполн со самодоверба по извонредниот настап на куп-дуелот со Наполи, на кој новиот ас на Милан со два гола самиот ги одведе „росонерите“ во полуфиналето од Купот на Италија. Полјакот по мечот не делуваше еуфорично, потенцирајќи дека головите не се ништо ново за него.

„Се чувствував добро, прекрасно е да се игра на „Сан Сиро“. Сепак, не сум изненаден и никој не треба да биде, јас очекував ваков настап и голови. Пред мечот реков дека сум подготвен за предизвикот, еве постигнав два погодоци, но ова е само почеток. Пред натпреварот им реков на Лаксалат и на Борини да ми даваат долги и високи топки, најдобро се снаоѓам во такви ситуации, по кои всушност и паднаа головите. Веќе размилувам за следниот натпревар со Рома, верувам дека мојата соработка со соиграчите ќе биде уште подобра до тој меч“ – изјави Пјатек.

Полскиот ас имаше извонреден старт на сезоната во Џенова, а со одличниот настап во дресот на Милан тој само потврдува дека станува збор за голгетер од највисока класа.

Се вчитува...