Пливачи од Италија, Аргентина, Словенија и Косово на Охридскиот маратон, Поп Ацев и Илиевски македонски претставници!

Франческо Гетини од Италија, Aргентинците Матијас Диаз Хернандез и Рита Ванеса Гарсија која е единствен женски натпреварувач, Арне Фурлан Шутлар од Словенија, Сидрит Деску и Арион Будима од Косово и македонските пливачи Александар Илиевски и Евгениј Поп Ацев се осумтемина учесници на годинешното издание на 35. Охридски пливачки маратон кој на 10. септември ќе се одржи на релација од Свети Наум до Охрид.

Иако со само осум пливачи, во овој момент кога претходно беше неизвесно неговото одржување, за организаторите, Општина Охрид и Агенцијата за млади и спорт, овој пат е единствено најважно да се зачува долгогодишната традиција и да не се дозволи згаснување на најпрепознатливата домашна спортска манифестација во светски рамки.

Франческо Гетини од Италија по четврти пат ќе плива во Охрид. Вели дека добро му е позната трката, а ја почувствувал и водата за која вели дека е пријатна.

„Среќен сум што сум тука. Очекувам добра трка, знам дека ќе биде напорно, но уживам во пливањето и ќе видиме што ќе се случи“ – изјави за OhridNews, Гетини.

Маратонот традиционално ќе се плива на патеката „Климе Савин“ во должина од 25 километри во организација на Општина Охрид и Агенцијата за млади и спорт, а ќе стартува во сабота од 10 часот од Свети Наум. Технички организатор на манифестацијата ќе биде пливачкиот клуб „Охридски бранови“ од Охрид.

Во склоп на маратонот ќе има и сериозен број културно-забавни активности. Денеска и утре ќе биде организирана и изложба на фотографии од историјата на одржување на пливачкиот маратон како и проекција на документарецот ‘Охридски пливачки легенди’ од Љупчо Паункоски.

Наградниот фонд во висина од 10.000 долари ќе биде покриен од страна на Агенцијата за млади и спорт, а Општина Охрид со своите партнери – домашните компании, за првпат оваа година, ги покрија и комплетните трошоци за пристигнување и сместување на сите пливачи кои ќе учествуваат на пливачкиот маратон.

ФОТО: А. Момироска

Се вчитува...