Пливачките клубови со иницијатива за смена на Маленко и избор на нов претседател на Пливачката федерација

Иницијативен одбор поддржан од повеќе од две-третини од сите клубови членки на Националната пливачка федерација поднесоа законско и статутарно барање до претседателот Александар Маленко за свикување на задолжително редовно Изборно собрание на кое ќе се избере нов претседател на федерацијата.

„Имајќи во предвид дека Претседателот г-дин Александар Маленко упорно го крши Статутот на НПФ со непочитување на основните правила и членови од Статутот како несвикување на редовни годишни собранија, несвикување и работа самоволно без одлуки на Управниот одбор на НПФ грубо прекршувајќи ги членовите 17, 21, 24, 26 и 29 од Статутот и ред други прекршоци, веруваме дека и овој пат истиот кукавички ќе бега и ќе се крие несвикувајќи редовно изборно Собрание. Од тие причини Ве известуваме дека доколку во рок од 14 дена Претседателот не го закаже редовното изборно Собрание на НПФ, ќе го искористиме член 21 од Статутот на НПФ со кој имаме право како иницијатори да го свикаме и легално одржиме истото“ – велат од Иницијативниот одбор во дописот до нашата редакција.

Согласно Член 21 од Статутот на Федерацијата, „Претседателот на НПФ го Свикува собранието најмалку еднаш годишно, а по потреба и почесто. Собранието може да се свика по барање на Управниот одбор, Надзорниот одбор или по барање на најмалку 1/3 (една третина) од вкупниот број на клубови здружени во НПФ. Ако Претседателот на НПФ не го свика Собранието во рок од 14 (четиринаесет) дена од денот на дадениот предлог, Собранието го свикува Управниот одбор или иницијаторите.“.

„Исто така сакаме да Ве известиме дека Управниот одбор на НПФ е позади оваа иницијатива и заеднички ќе учествува во свикувањето на изборното Собрание. Ги повикуваме државните надлежни институции како и најголемата спортска институција, Олимпискиот Комитет на Северна Македонија будно да го следат овој процес бидејќи одржување на редовно изборно Собрание е демократско основно право за нормално тековно општествено функционирање и уставна темелна вредност која произлегува од демократските вредности и права со која се елиминира можноста за заробеност на институциите од поединци која пак за жал се случува во НПФ изминатиов период. Знаејќи дека јавноста е доволно запознаена со случувањата во македонското пливање и целиот циркус кој претседателот Александар Маленко го правеше претходните неколку месеци, повеќе од две-третини од пливачките клубови во земјава покренаа иницијатива за негова промена односно избор на нов претседател поради фактот и дека мандадтот на Александар Маленко е истечен на 17. ноември оваа година“ – дополнуваат од Иницијативниот одбор за свикување на редовно Изборно Собрание на НПФ.

Од Иницијативниот одбор до нашата редакција испраќаат и допис со потписите на пливачките клубови кои се иницијатори за смена на Александар Маленко.

Се вчитува...