ПЛИВАЊЕ – ЛОИ: Светски рекорд на Кејлеб Дресел и на микс штафетата на В. Британија

Американецот Кејлеб Дресел со феноменална трка и нов светски рекорд стигна до златото на 100 метри пеперутка. Тој во финалето постави време од 49.45 секунди што беше за пет стотинки подобро од досегашниот рекорд кој исто така беше во негова сопственост. Среброто му припадна на Унгарецот, Криштоф Милак, додека како трет заврши Швајцарецот, Ноа Понти.

Вториот светски рекорд на денешниот ден го постави микс штафетата на Велика Британија на 4х100 метри мешано. Штафетата во состав Кејтлин Доусон, Адам Пити, Џејмс Гај и Ана Хопкин постави време од 3:37.58 минути што беше за 83 стотинки подобро од досегашниот рекорд на кинеската штафета. Среброто и припадна на Кина, додека како трета заврши Австралија.

Кејтлин Ледецки стигна до хет-трик откако на златните медали од Лондон и Рио им го додаде и тој од трката на 800 метри во Токио. Американката до триумфот дојде со време од 8:12.57 минути, што беше за 1.26 подобро од најголемата ривалка, Австралијката, Ариарне Титмус. Со бронзата се закити Италијанката, Симона Квадареља.

По златото на 100 грбно, Австралијката Кајли Мекион стигна до титулата и на два пати подолгата делница. Таа во финалето до златото стигна со време од 2:04.68 минути, пред Кајли Мас од Канада и сонародничката Емили Сибум.

Се вчитува...