ПЛМ: Куманово брка бодови во Аеродром, ФМП го брани домашниот терен од Еуро Никел

Прволигашката програма во мак-баскетот продолжува денеска со четири дуели од 13. коло. Првиот од нив ќе биде одигран во Аеродром каде од 15 часот и 30 минути, Куманово му гостува на МЗТ 2 во обид да се забележи петиот триумф во сезоната. На спротивната страна пак, младиот состав на Боро Даскаловски ќе се обиде да го поправи учинокот од гостувањето против Кожув и по втор пат оваа сезона да го одбрани „Јане Сандански“.

Возбудувањата продолжуваат од 17 часот на „Кале“ каде Вардар во својот дом го пречекува Пелистер. Домаќините во овој дуел влегуваат на крилјата на победата над Црн Дрим во Струга, додека гостите по поразот од Гостивар ќе се обидат да се вратат на победничките патишта. За разлика од дуелите во претходните сезони, гостите од Битола се апсолутен фаворит на денешната средба, но на „црвено-црните“ им останува елементот на изненадување.

Највозбудливиот натпревар за денеска ќе биде одигран во Кисела Вода каде од 18 часот, Академија ФМП ќе се обиде по петти пат оваа сезона да го одбрани домашниот терен, овој пат од Еуро Никел. Првиот меѓусебен натпревар оваа сезона им припадна на кавадарчани, кои лесно се справија со составот на Петровиќ, па истото ќе биде дополнителна мотивација за „пантерите“.

Последната средба од богатиот ден ќе биде одиграна во главниот град каде на ТФТ му гостува Црн Дрим. Избраниците на Смилковски на оваа средба влегуваат со цел враќање на победите по поразот од МЗТ Скопје, додека стружани ќе се обидат да ја прекинат серијата на порази која брои десет во низа. Дуелот на новајлиите е со почеток од 18 часот.

 

Се вчитува...