Куманово го пречекува ТФТ, Академија ФМП гостува кај Гостивар

Прволигашката кошарка продолжува денеска со четири натпревари од 12. коло. Првиот од нив ќе биде одигран во Струга од 16 часот, Црн Дрим ќе го пречека Вардар во интересен натпревар кој може да биде од големо значење во борбата за опстанок.

Двата тима во овој дуел влегуваат по поразите во заостанатите натпревари, во кои стружани загубија убедливо од Академија ФМП, додека Вардар по продолженија загуби на гостувањето кај Кожув, па победата е императив на денешната средба со цел избегнување на дното на табелата. Првиот меѓусебен натпревар кој беше одигран во „Кале“ донесе трилер завршница по која славеа „црвено-црните“, па се надеваме дека и денешната средба ќе ги оправда очекувањата.

Богатата викенд програма продолжува со натпревар во Куманово каде од 17 часот „сино-белите“ ќе го пречекаат ТФТ. Двата клуба одиграа три меѓусебни натпревари оваа сезона по кои два пати славеа кумановци, а еднаш тимот од Тафталиџе. На овој натпревар гостите влегуваат на крилјата на фантастичната победа над Пелистер, додека домаќините, кои загубија на гостувањето против Гостивар, за прв пат сезонава ќе бидат предводени од новиот тренер Игор Ѓоргиевски.

Уште еден исклучително интересен дуел не очекува од 18 часот каде во „Младост“, Гостивар го пречекува составот на Академија ФМП. Двата тима влегуваат во овој натпревар на крилјата на победите од заостанатите натпревари па ќе биде интересно да видиме чија серија на победи ќе продолжи и по 12. коло. Првиот меѓусебен дуел донесе интересен натпревар во Кислеа Вода каде „пантерите“ успеаја да го одбранат домашниот терен, а дали „сино-белите“ ќе возвратат во иста мера останува да видиме.

Последниот натпревар денеска ќе биде одигран во Битола каде Пелистер по поразот на гостувањето во Скопје против ТФТ, ќе се обиде да им се врати на победите на дуелот против Кожув од 18:30 часот. За разлика од „зелено-белите“, гостите од Гевгелија во овој натпревар влегуваат по победата над Вардар. Првиот меѓусебен дуел мораше да биде одлучен по дополнителни пет минути, па ќе биде интересно да ја проследиме денешната средба.

Се вчитува...