ПЛМ заостанати натпревари: Еуро Никел гостува во Струга, Кожув го пречекува МЗТ2

Прволигашката програма продолжува денеска со заостанатите натпревари од шестото коло. Првиот од нив ќе биде одигран од 16 часот во Струга каде Црн Дрим ќе го угости составот на Еуро Никел.

Новалијата меѓу „елитата“, по премиерната победа во второто коло се наоѓа во серија од девет порази едно по друго. Последниот пораз доаѓа од главниот конкурент при дното на табелата, Вардар, натпревар на кој избраниците на Чочорски шутираа со 36% успешност од поле, па за да се надеваат на победа против денешниот фаворит, Црн Дрим мора да го поправи овој сегмент од играта.

За разлика од денешниот домаќин, Еуро Никел по поразот од ТФТ им се врати на победи со лесен триумф над МЗТ 2. Искусниот тим од Кавадарци полека се привикнува на ритамот среда-сабота, а во овој дуел влегува со цел продолжување на победничка низа.

Програмата продолжува од 17 часот и 30 минути во Гевгелија каде Кожув во уште еден исклучително важен дуел, ќе го пречека МЗТ 2. По долгата пауза на стартот на сезоната, „црвено-белите“ полека фаќаат учинок, пред поразот од Пелистер во претходното коло беа во низа од две победи по ред, па доколку избраниците на Јончевски сакаат да ја избегнат опасната зона, мораат да слават на денешната средба.

Победата е императив и за младиот состав на Боро Даскаловски кој го брка вториот триумф во „елитата“. МЗТ 2 на оваа средба влегува по поразот во „Јасмин“ од Еуро Никел, натпревар на кој „штркчињата“ покажаа карактер во последната четвртина во која постигнаа 39 поени, па добрите десет минути ќе се обидат да ги пренесат и во „26ти Април“.

Пред денешните дуели, Црн Дрим се наоѓа на деветото место на табелата со скор 1-10, Еуро Никел е на петото место со омер од 5 победи 3 порази, додека Кожув и МЗТ 2 се наоѓаат на претпоследното и последното место со скор 2-5, односно 1-6.

Се вчитува...