ПМФЛ останува посиромашна за Ибраими, Тошевски, Гачевски, Аврамовски…

Македонската Прва лига врти нова страница, стартува сезоната 2020/21, а во неа нема веќе да уживаме во мајсториите на неколку квалитетни фудбалери кои заминаа во странство или се во фаза да реализираат трансфер надвор од Македонија. Некогаш не сме свесни што имаме во ПМФЛ, па дури откако ќе си заминат, потенцираме дека без нив фудбалската понуда ќе биде уште поскромна.

Шкендија не успеа да се договори за продолжување на соработката со првата ѕвезда Агим Ибраими. Раководството одлучи да го крати буџетот за плати, а Агим Ибраими не се согласи да биде „жртвено јагне“. Спогодбено го раскина договорот и во моментот е во преговори за нов трансфер во странство како слободен агент.

Вардар ниту од далеку нема буџет како изминатите сезони, па јасно е дека си заминуваат најдобрите фудбалери. Капитенот Филип Гачевски јавно се прости од „црвено-црните“ фанови, Даниел Аврамовски исто така не се вклопува во новата, многу поскромна концепција, а столбот на одбраната Евгениј Новак се врати во Украина. Заминаа и Кристијан Тошевски, кој потпиша за Тирана, Владица Брдаровски и неколку млади и талентирани фудбалери кои се репрезентативци на Македонија во своите возрасни категории.

Работнички исто така остана без три досегашни ѕвезди. Младиот напаѓач Давид Тошевски го направи најголемиот трансфер од Македонија ова лето, потпиша за рускиот клуб Ростов и ќе гради интернационална кариера. Од клубот од Дебар Маало заминаа и репрезентативниот голман Дамјан Шишковски, кој се пресели на Кипар, и левиот бек Себастијан Херера, кој продолжува во Унгарија.

МАКЕДОНСКИ ФУДБАЛЕРИ КОИ ОФИЦИЈАЛНО ГО НАПУШТИЈА ПРВЕНСТВОТО

ВАРДАР: Кристијан Тошевски (Тирана, Албанија), Џемал Ибиши (Локомотива, Хрватска), Азер Омерагиќ (Хајдук, Хрватска), Леонид Игњатов (Хајдук, Хрватска)

РЕНОВА: Бојан Миовски (МТК, Унгарија), Флоријан Кадриу (Сабаил, Азербејџан)

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ: Мите Цикарски (Ботев Пловдив, Бугарија)

РАБОТНИЧКИ: Давид Тошевски (Ростов, Русија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар), Себастијан Херера (МТК, Унгарија)

МАКЕДОНСКИ ФУДБАЛЕРИ КОИ ЗАМИНАА И СЕ ПРЕД ТРАНСФЕР ВО СТРАНСТВО

Агим Ибраими (Шкендија) Даниел Аврамовски, Али Адем, Марио Младеновски, Филип Гачевски, Владица Брдаровски (Вардар)

Се вчитува...