Победата за МЗТ Скопје, симпатиите за Феникс 2010

МЗТ Скопје забележа нова победа под водство на тренерот Александар Петровиќ, славејќи на дуелот со Феникс 2010 со 87-74. Иако конечниот исход е убедлив, мора да се истакне дека гостинскиот состав речиси цел меч одлично му парираше на актуелниот првак, а искусниот состав на „металците“ дури во последните минути го скрши отпорот на избраниците на Дервишевиќ. На крајот пресуди искуство, но и подолгата клупа која постигна 56 наспроти 6 поени, за реванш на „металците“ за поразот од Феникс во првиот круг од шампионатот.

МЗТ Скопје го отвори натпреварот на крилјата на Милошевиќ и неговите две тројки, но шутот не продолжи да ги служи домаќините. Тоа знаеше да го искористи Феникс на спротивната страна, гостите го исконтролираат скокот за лесни поени, најдоа и решение во рекетот преку бековите па поведоа со 6-12. Тајм-аутот на Петровиќ на момент ги консолидираше редовите на “сино-белите” кои најдоа решение во нападот преку Дејвис, но гостите успеаја да го задржат ритамот. Феникс го имаше расположениот Трајковски кој беше енигма за домашниот тим па предноста остана во рацете на “виолетово-жолтите”, а за истата да биде само 21-25 по 10. минути се погрижи Мекиќ кој погоди за три поени од осум метри со звукот на сирената. До крајот на првото полувреме следеше изедначена игра во која МЗТ Скопје успеа да ја врати резултатската неизвесност преку Дејвис кој беше на врв на својата задача во нападот, но Морган и Трајковски не дозволија домаќините да го наметнат својот ритам, а ним им се приклучи и Петков кој ја искористи ситуацијата низок-висок па гостите ја задржаа предноста на полувремето (45-46).

Изедначениот натпревар продолжи и на отварањето на второто полувреме, но овој пат акцентот беше ставен на одбраната. МЗТ Скопје успеа да го заштити рекетот од Морган и Трајковски, но со иста мера врати и Феникс 2010 кој го примора противникот на шут за три поени, а и покрај тоа што истиот не го служеше домашниот тим, Дамјан Стојановски погоди кога беше најпотребно. Проблем за десеткуваниот тим на Дервишевиќ беше и четвртата лична грешка на Трајковски без кој гостите беа лимитирани во нападот, па домаќините благодарение на подобрата завршница на третата четвртина поведоа со 64-60. Реализацијата од поле продолжи да биде проблем за двата тима до крајот на натпреварот, но аеродромци беа сигурни од линијата за слободни фрлања па ја одржуваа стекнатата предност. Проблем за гостите беа и изгубените топки во нападот кои наместо лесна реализација донесоа лесни поени за МЗТ Скопје па со тројките на браќата Стојановски, домаќините поведоа со 78-68 на три и пол минути до крајот и ги решија дилемите за победник.

Војдан Стојановски со 22 поени беше најдобар стрелец и на овој натпревар во редовите на МЗТ Скопје, Дејвис постигна 19 поени, додека Морган со 23 поени и девет скокови беше главен играч во таборот на Феникс.

Се вчитува...