Почнува ЕП во Македонија: Кипар е првиот ривал на младите кошаркари

Со натпреварот против репрезентацијата на Кипар, машката кадетска репрезентација на Македонија вечерва (18:30 часот) ќе го започне настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“ за кошаркари „Под 16“ години, кое од денеска до 15 август се одржува во Гевгелија и Скопје.

Во пресрет на стартот на шампионатот, целокупниот фокус на стручниот штаб е насочен кон успешен почеток на натпреварувањето. Избраниците на селекторот Дејан Стојановски ќе ја пречекаат селекцијата на Кипар во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија, со желба победнички да го отворат европскиот собир.

Стојановски потенцира дека неговиот тим во овој момент размислува исклучиво за првиот натпревар.

„Размислуваме само за првиот натпревар. Сакаме да бидеме максимално подготвени и фокусирани. Одбраната е нашиот заштитен знак и преку неа сакаме да го градиме нашиот идентитет. Целта е да играме брза кошарка, со висок интензитет во двата правци и да напредуваме од натпревар во натпревар“, вели селекторот на македонската кадетска репрезентација.

Покрај Македонија и Кипар, во групата „Б“, чии натпревари се играат во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија, настапуваат уште селекциите на Хрватска, Швајцарија, Исланд и Украина.

ГРУПА „Б“ – 1. КОЛО (6 АВГУСТ)

Спортска сала „26 Април“ – Гевгелија

16:00 часот

Швајцарија – Хрватска

18:30 часот

Кипар – МАКЕДОНИЈА

21:00 часот

Исланд – Украина

Натпреварот меѓу Кипар и Македонија ќе може да се следи во живо на следниот линк:

Се вчитува...