Почнува новата сезона во Првата лига: Борец ќе тестира колку е разнишан Вардар

Вардар беше лидер на прекинатиот шампионат минатата сезона, требаше да игра во квалификациите за Лигата на шампионите, тренерот Александар Васоски направи одличен спој на младост и искуство. Но, сето тоа распука како меур, виновниците се бараат во раководството и во спонзорот Сергеј Самсоненко кој остави големи долгови кон играчкиот кадар, а на крајот одлучи и да се повлече од клубот. Тажна приказна која на Вардар низ историјата неколкупати му се случувала.

Се случи „погром“. Нормално, се разбегаа фудбалерите, кој каде може, тргнувајќи од капитенот Филип Гачевски, преку Аврамовски, Новак, Реис Жуниор, Тошевски, Брдаровски, Ибиши…тие сепак се професионалци кои очекуваат да бидат и добро платени, а Вардар во моментот за тоа не е моќен.

Васоски летово не знаеше дали воопшто ќе има тим, ги броеше заминувањата како да собира сликички за спортски албум…„имам, немам, немам, немам…“ и на крајот најважно е дека Вардар барем ќе го стартува првенството.

Колку може минатогодишниот лидер, кој ќе влезе во новиот шампионат без ниту еден одигран пријателски натпревар, со сериозно осиромашен тим и неизвесен буџет, не знае никој. Не знае ниту самиот тренер Александар Васоски, а прв ќе го тестира Борец.

Велешкиот клуб треба да биде среќен што ќе биде дел од елитата, одлуката на ФФМ за проширување на лигата на 12 клубови ги задржа велешани во елитното друштво, со оглед дека во моментот на прекинот поради пандемијата на коронавирусот беа на деветтата позиција, која значеше и испаѓање во второлигашка конкуренција. Но, Борец е меѓу 12-те прволигаши и има амбиции да го задржи статусот и по оваа сезона. Тренерот Горазд Михаилов го задржа костурот на тимот од минатата сезона, со неколку освежувања и промени, но стилот на играта секако ќе остане ист.

Борец ќе се потпре на цврстата одбрана, на згуснатиот среден ред и ќе се обиде напред преку Никола Прелчец да поентира.

Почнува Првата лига, сезона 2020/21, со сите протоколи за Ковид-19, без користење соблекувални, со минимален број на учесници на еден натпревар и без публика. Мораме да бидеме искрени, за жал, „корона“ што се однесува до публиката во македонскиот фудбал си постоеше и претходно, со исклучок на еден до два стадиони…

ПРВА ЛИГА, СЕЗОНА 2020/21 – ПРВО КОЛО

СКОПЈЕ: ВАРДАР – БОРЕЦ (денеска, 17.30 ч.)

ЧАИР: ШКУПИ – ШКЕНДИЈА (утре, 17.30 ч.)

ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: МАКЕДОНИЈА ЃП – РАБОТНИЧКИ

СТРУМИЦА: БЕЛАСИЦА – СИЛЕКС

БИТОЛА: ПЕЛИСТЕР – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ

ТЕТОВО: РЕНОВА – СТРУГА ТРИМ ЛУМ 

Се вчитува...