ПОД ОБРАЧ со Никола Василев: Литванците уште ја паметат тројката на Илиевски, на мак-баскетот му требаат неколку суштински промени

Еден од македонските тренери кој во последните неколку години се калеми на интернационалната сцена е Никола Василев. 37-годишниот скопјанец има шанса да работи во едно од најдобрите првенства во Европа – литванското, а искуството стекнато во земјата на кошарката да го сподели и на домашната сцена каде постојано е дел од репрезентативната кошарка.

Во интервју за ЕКИПА, Василев говореше за почетоците, како е да сте Македонец во Литванија, што и е потребно на македонската кошарка за враќање на славата и престојниот предизвик со репрезентацијата до 18 години.

„Почетоците во 2003 година беа во Драчево откако се запишав на Универзитетот за физичка култура отсек за тренер и тогаш веднаш ја започнав кариерата со 19 години. Јас верувам дека се треба да има пирамидален развој во животот и да не се скокаат степени и скали па така започнав со најмлади селекции па се постари, прв тим и потоа репрезентативна селекција. Тогаш стилот на кошарка беше поразличен, се негуваше побавна кошарка „пет на пет“. Сега се бара брзина и атлетизам, игра во транзиција. Имате сосема различен профил на играчи, но на крајот на денот останува тоа дека ние уште од мали деца треба да ги обучуваме играчите по сите основи, а кога ќе има обучен играч со основа лесно е потоа да го ставиш во систем“ – вели Василев.

Почетоците на тренерската кариера на Василев се во време во кое младинската кошарка во Македонија ни ги дава играчите кои осум години подоцна ќе го направат и најголемиот репрезентативен успех. Денеска младиот стратег е селектор на младински селекции на Македонија па од негов поглед има интересна споредба во однос на играчите тогаш и сега.

„Има промена во залагањето на играчите тогаш и сега. Тогаш се беше малку повеќе од љубов, додека денеска мислам дека треба самите млади да вложат малку повеќе. Порано се играше повеќе баскет и од тој уличен баскет добивавме дрскост, цврстина и притисок кај децата кој подоцна се одразуваше во право светло. Во поглед на таленти исто е тогаш и сега, меѓутоа пак ќе кажам недостасува таа цврстина која ние пробуваме сега да им ја пренесеме за да добиеме подобар финален продукт“

НЕДОСТАТОКОТ НА КОНДИЦИОНИ ТРЕНЕРИ Е ОГРОМЕН ПРОБЛЕМ НА МАКЕДОНСКАТА КОШАРКА…

„Најголемиот проблем со кој се соочува нашата кошарка е малиот фонд на тренинзи. Има клубови во кои децата тренираат по три до четири пати во неделата по еден час што е катасторофално. Во еден час не можете да постигнете многу и едноставно е невозможно во толку кус период да ги подготвите тактички, технички или физички. Исто така и недостаток на кондициони тренери во Македонија. Ние не заостануваме со талент, меѓутоа заостануваме со физикус. На пример, децата треба да имаaт тренажен процес како теретана од 14 годишна возраст и до 20 години да имаме финален производ кој потоа ќе игра сениорска кошарка. Ова не го кажувам јас, тоа го кажува науката. За да се изгради една атлета треба од 4 до 6 години база и тоа со правилен тренажен процес, исхрана, суплементација и следење на играчот со што би се изградил еден финален производ кој подоцна само би се одржувал и надоградувал. Можете да имате технички и тактички подготвени играчи, но во денешната кошарка морате да бидете и физички подготвени. Без тоа не може да се игра модерна кошарка. Тоа е главен проблем. Во Македонија ги нема тие финансиски услови, но едноставно доколку сакаме успех мора да се инвестира“

НИЕ НЕ МОЖЕМЕ ДА ИЗМИСЛУВАМЕ, МОРАМЕ ДА СЕ ПРИЛАГОДИМЕ…

„Бидејќи сме андер-сајз“ нација и ретко кога имаме во генерација високи деца треба да се постави стратегија на игра со четири ниски и еден висок и сите тренери да стремат кон тоа. Значи не станува збор за тактика, туку стратегија со која мислам дека ќе развиваме повеќе играчи и националните тимови ќе бидат подобри. Не можеме ние да измислуваме играчи од 215 сантиметри, но можеме да се прилагодиме кон тоа што го имаме. Потребен ни е еден систем кој ќе се следи, добри кондициони тренери и едукација на тренери“

ВО ЛИТВАНИЈА ИМААТ ПОЧИТ КОН НАС И БАЛКАНСКАТА КОШАРКА…

Македонскиот стратег работи во Литванија веќе шест години. Логично се наметнува прашањето – Како е да сте Македонец во земја на кошарката како Литванија?

„Одлично. Тоа е кошаркарска земја и кошарката е спорт број еден. Таму сите знаат кошарка, сите следат кошарка и секогаш кога ќе им споменам дека сум од Македонија асоцијацијата е Владо Илиевски и тројката што ја постигна нашиот ас на тој Евробаскет. Имав шанса оваа година да работам со Јасаитис кој го промаши последниот шут против нас и секогаш се шегувавме на таа тема. Исто така работев и со Валдемарас Хомичиус и можам да кажам дека навистина имаат почит кон нас и балканската школа на кошарка“

Зад Василев е успешна сезона со Џукија со која покрај тоа што успеа да се избори за опстанок во Првата лига, една победа го делеше од пласман во плеј-офот.

„Имавме доста добра сезона со Џукија и за малку не изборивме пласман во разигрувањето. Притоа имавме нов тим и само еден играч од сезоната пред тоа со неколку нови играчи кои ги вклучивме во тимот од Втората лига и двајца ветерани. Генерално концептот на клубот е да развива играчи, да промовира и да се бори за влез во плејоф. Условите за работа и комуникацијата со раководстовото беше одлично уште од прв ден со што за мене тоа го прави едно прекрасно искуство“

Пред Џукија македонскиот стретег беше дел од Лиетувос Ритас со кој стекна богато искуство…

„Во Лиетувос Ритас организацијата е на ниво на Евролига и таму се знае се што треба да се направи и системот функционира одлично. Тие немаат младинска школа, но имаат втор тим кој се натпреварува во Втората лига и тие ги собираат сите таленти од младинските школи во Вилнус и ги подготуваат во сениорска кошарка. Тие играчи ги добиваат сите услови како првотимците и искуството од таму ми е одлично. Во сезоната во која јас бев дел од тимот игравме во Еврокупот против силни клубови како Зенит, Химки, Алба, кои денеска се евролигаши“

ПОВЕЌЕ КВАЛИТЕТ, ПОМАЛКУ КВАНТИТЕТ…

Како функционира литванската лига и што можеме да примениме од неа во Македонија?

„Литванската лига е тотално професионална лига која не е одвоена од федерацијата, но посебно фукнционира како засебна лига. Таму морате да играте со одреден буџет, одреден капацитет во сала и ред други строги регулативи. Нешто што треба да се постави и кај нас. Мислам дека во македонската лига треба да се намали бројот на клубови и да се концентрира квалитет во осум или десет клуба кои ќе бидат конкурентни и да се постават норми и регулативи за да се повлече квалитетот. Во тој поглед предлагам и четвртокружен систем за да има повеќе натпревари низ кои играчите ќе созреваат под тој притисок, ќе играат на резултат, нешто што го нема на тренинзите. Исто така, мора да се работи и на инфрастуктурата и топли сали кои се неопходни за вистински развој“

По долги години стагнација македонската младинска кошарка повторно се наоѓа на добар пат. По долго време ова лето запишавме победи против Србија, младинците се покажаа во добро светло на ФИБА „Челинџот“ во Сопрон, а репрезентацијата „под 18“ оваа недела ја очекува силен турнир во Скопје на кој ќе настапат Србија, Хрватска, Шпанија, Германија и Грузија.

„Очекувањата се да се прикажеме во добро светло. Тоа не е алиби, туку тоа е цел која сакаме да ја оствариме. Нормално тренираме и се подготвуваме за овие натпревари и сакаме да оствариме позитивен резултат и за тоа ќе дадеме се од себе, но поважно од резултатскиот императив е и да ги подготвиме овие играчи во иднина да бидат лидери во сениорска кошарка. Овие генерации имаат талент, во оваа репрезентација има материја, но потребно е и продолжување на добрата работа со нив. Ќе играме против репрезентации како Хрватска, Србија и Шпанија кои секогаш спаѓаат во топ пет репрезентациите во светот и сметам дека овој турнир ќе биде големо искуство за овие играчи“, вели Василев кој се осврна и на репрезентацијата која ја покори Литванија сред Каунас.

„Генерацијата од Литванија во 2011 беше таква, таа беше склоп на младост, искуство и тренерска рака и мислам дека тој остварен резултат таму не беше воопшто случаен. Тоа беше резултат на добра работа и прирема и се надевам дека во иднина ќе имаме повторно репрезентација која ќе оствари голем успех.. Генерациите кои следат ветуваат многу и во нив гледам идни репрезентативци. Но, повторно кажувам дека за тоа е потребна стратегија, добра работа и одење чекор по чекор“.

Се вчитува...