ПИШУВА: Драган Томовски
Уште една колумна на еден од најистакнатите домашни фудбалски аналитичари, кој пренесувајќи ги актуелните глобални но и домашни фудбалски текови, овој пат со еден извадок од својата книга, која е во подготовка, а која според првично виденото, без сомнение, ќе биде една од најатрактивните спортски содржини која се очекува да предизвика и тоа како силно внимание во домашната спортска, но и пошироко општествена, јавност.
==============================================================
Гостувајќи повеќе пати во ТВ емисии посветени на големите фудбалски настани, скоро редовно, на крајот од разговорите ме прашуваа што мислам и предвидувам за развојот на фудбалот – глобално, но и по континенти и подрачја. Анализирајќи ги денес, од оваа временска дистанца, тогашните мои одговори, можам да кажам дека речиси сите се потврдија во понатамошниот развој на светскиот фудбал. Но, кога станува збор за африканскиот фудбал, направив прилично лоша проценка.
Моето мислење тогаш беше речиси безрезервно – дека африканскиот фудбал ќе се развива исклучително брзо. Зборувам за периодот околу 2000-та година.
Не беше потребна некоја посебна филозофија за да се препознаат неговите огромни потенцијали. Извонредните физички предиспозиции, техничката подготвеност која забрзано напредуваше, брзината, акцелерацијата, окретноста и неверојатната промена на правецот беа вонсериски карактеристики. Згора на тоа, африканските фудбалери релативно брзо се адаптираа на новите средини, не правејќи поголеми застои во приклучувањето кон колективниот дух – тим спиритот.
Првите сомнежи во оваа моја проценка ми се појавија во долгите разговори што во 2004 година ги водев со Жардел, претседателот на Ленс – тогаш еден од најсилните клубови во Франција. Неколку часа разговаравме во скопска „Уранија“, а уште повеќе во неговиот дворец во северна Франција.
По игра на случајноста, токму во тој период Цементарница, која ја водев и од клупата, играше против Ленс, а нивниот претседател ми посвети невообичаено внимание и почит. Претходно, неговите соработници – скаути и менаџери – на прес-конференциите говореа со големи пофалби за мојата работа.
Разговаравме за речиси сите фудбалски теми. Најважната, поврзана со оваа приказна, беше неговата забелешка дека во клубот има премногу играчи од Африка. Тоа ме зачуди, бидејќи во тимот ги имаше тогашниот официјално прогласен најдобар африкански фудбалер Бакари, Папа Буба Диоп, кој ни го постигна голот во Скопје, како и уште многу извонредни играчи.
Разговаравме долго. Многу научив. Но тоа беше единственото прашање на кое тогаш немав одговор.
Во што лежи проблемот на спориот раст на африканскиот фудбал?
Во тој момент Ленс имаше 24 црномурести играчи од вкупно 28.
Продолжив да немам одговор и во наредните пет-шест години. Како можев толку да промашам во проценката за доаѓањето на африканскиот фудбал?
Сè до 2011 година, кога поминав околу четириесет дена во Џакарта.
Ќе прашате – каква врска има Индонезија со Африка?
Има една огромна врска – колонијализмот.
Она што го доживеав таму, а подоцна и во комуникациите со луѓе од повеќе африкански земји, силно ме потресе.
Не можам да кажам дека респектот што ми го покажуваа беше заслужен. Но ме запрепасти нивната понизност. Кај многумина подредената положба се чувствуваше како нешто природно, речиси непроменливо. Белиот човек, како господар, сè уште беше присутен во нивната колективна свест. Втемелениот страв, пренесуван со генерации, според моето доживување станал дел од менталитетот.
Тогаш почнав да верувам дека токму тука се крие одговорот што со години го барав.
Јас, кој на психолошкиот и менталниот сегмент на фудбалот му посветив речиси цел живот, претпоставив теоретски модел дека африканските репрезентации нема што да ги запре на патот кон светскиот врв. Но дури тогаш сфатив дека фудбалот не се игра само со нозете.
Фудбалот никогаш не е само техника, брзина и тактика. Тој е и историја, култура, самодоверба и колективна свест.
Ова искуство целосно го промени мојот поглед кон фудбалот на овој континент.
Почнав да забележувам дека неколку африкански играчи релативно лесно се претопуваат во веќе изграден европски тимски дух. Но кога единаесетмина треба сами да го создадат тој победнички менталитет, задачата е многу потешка.
Во 2022 година тоа и јавно го напишав на Фејсбук. Посочив дека државите кои пократко време биле колонии, според моето размислување, имаат извесна психолошка предност. Тогаш посебно го издвоив Мароко како земја со најкраток колонијален „стаж“. Не поради случајност, туку затоа што сметав дека, покрај несомнениот фудбалски квалитет, токму психолошката еманципација ќе биде нивната најголема предност.
Како спортист, но пред сè како човек, исклучително ги почитувам напорите на луѓето од овој континент целосно да се ослободат, да се еманципираат, да станат свесни за своите вкупни вредности и да покажат што можат кога трката ја почнуваат од иста стартна позиција.
Охрабрува фактот што на СП 2026 има рекорден број африкански селекции
Затоа ме охрабрува фактот што на ова Светско првенство рекорден број африкански репрезентации се пласираа во елиминациската фаза.
Мароко останува мој фаворит за висок пласман, иако настапува без своите двајца најдобри играчи, повредени непосредно пред почетокот на првенството.
Им посакувам на моите пријатели од Мароко да се радуваат на резултатот, каков и да биде. Но уште повеќе им посакувам да бидат свесни дека ова е само почеток.
Африка повеќе не тропа на вратата на светскиот фудбал. Таа веќе влегува низ неа. А кога конечно ќе исчезнат и последните психолошки сенки од минатото, убеден сум дека овој континент ќе даде и светски шампион. Тоа нема да биде подарок од никого, туку заслужен резултат на долгата борба за рамноправност – и на теренот, и надвор од него.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
