ПОГЛЕД ОД СТРАНА: По посетата на Чеферин во Скопје – струката на потег!

ПИШУВА: Драган Томовски

Еден од најистакнатите домашни фудбалски работници и аналитичари, Драган Томовски, од свој агол, но погледнувајќи единствено од страната на фудбалот, ги анализира актуелните глобални но и домашни фудбалски текови…

==============================================================

По посетата на претседателот на УЕФА, Александар Чеферин на ФФМ и Македонија, како голем плус за позиционирање на (иднината) на македонскиот фудбал, станува јасно дека еден од елементите кој треба да го следи инфраструктурниот прогрес е да создаваните услови соодветно се следат (координираат) со квалитетна стручна работа, пред се во најмладите категории, која треба да го комплетира процесот на искуристување на сите наши фудбалски капацитети.

Во моментов, проблемите на македонскиот фудбал се манифестираат во игрите и резултатите на македонските млади селекции.

Денес проблемите на македонскиот фудбал најчесто се гледаат кај младите селекции. Не затоа што таму почнуваат – туку затоа што таму излегуваат на површина. Таму се финалниот производ. И, проблемите не почнуваат туку завршуваат кај селекторите. Тие се експонираат кај младите селекции, а се последица на општиот однос кон фудбалот, и на клупско ниво.

Гледав во последно време повеќе македонски фудбал, претежно млади категории, и репрезентативни и клупски. Посебно ги анализирав младите селекции, заедно со У-21 репрезентацијата.

Но, мојата општа констатација е дека во моментов не стоиме добро. Иако не можеме да дадеме дефинитивна оценка за новите решенија на селекторските позиции, бидејќи за тоа треба да помине одредено време, она што ме загрижува е пристапот кон натпреварите.

Кај некои селекции, во младите категории, сè уште преовладува дефанзивен пристап и филозофија, време што поминало пред триесетина години. Тренерите тогаш, во менталната и тактичката подготовка на натпреварите, обично зборуваа: „Глејте, ние да не примиме гол; ако дадеме – одлично, ако не примиме – и тоа е добро.“

За жал, копирањето вакви решенија нè води во категоријата на најслабите млади селекции. Поединечниот блесок не може да го поправи тоа. Поголемиот број тренери, за жал, не ја разбираат вредноста на добрата психолошка подготовка, која во континуитет треба да прерасне во менталитет.

Дефанзивниот пристап создава голема фрустрација кај играчите, па стравот на тренерот директно им се пренесува. За ова, секако, најважни се клупските тренери, но селекторите треба да бидат пример за промена на таквиот став. Не сум сигурен дека се. Стравот инхибира, кочи, ја руши инвентивноста и креативноста, го блокира мозокот за размислување за офанзива. Тој, како епидемија, се шири меѓу играчите, низ целиот тим. Последица е тоа што секој играч почнува да се плаши од грешка, а тоа дефинитивно ја руши играта, посебно во офанзива.

Дел од нашите понови селектори на А репрезентацијата, пред сè Боби Милевски, го разбираа тоа. Се надевам дека и Гоце Седлоски го разбира.

Некому можеби сум досаден со фаворизацијата на Кнутсен од Бодо, кој во играчите вткал „чип“ што реагира прво офанзивно, а потоа дефанзивно. Многу тренери тоа не го разбраа, можеби и поради вкупниот нивен капацитет. Но кај оние што тоа го слушнаа, разбраа, се консултираа и на свој начин го применија, гледам голем напредок и во играта и во резултатите.

Храброста не се создава со глума, вештачки. Играчите препознаваат сè, некои дури и подобро од тренерите. „Намачкани“ се со лично искуство, но и со многуте гледани натпревари од највисоко ниво, што денес е лесно достапно. Не можете да ги излажете дека сте офанзивно ориентирани, а во игра да вадите напаѓач и да ставате везен, или да вадите везен и да ставате одбранбен играч. Играчите тоа автоматски го сфаќаат како наредба за дефанзива.

Сфаќањето на вашиот тим дека сега треба да се брани, автоматски за противникот значи одлука за напад, нова полетност и храброст, на сметка на фрустрираноста на вашиот тим. Сведувањето на емоциите во рационални рамки, дозираната храброст и самодовербата се клучот на пристапот кон секој натпревар, но и кон цели циклуси и првенства.

Нормално, ова е само еден сегмент од промената на целокупниот однос што модерниот фудбал го бара. Но, според мене, еден од клучните.

Кај нас недоволно анализиран и недоволно истражен.

Мислам дека кај одговорните во федерацијата има добар стручен потенцијал на ова прашање, односно на овој проблем, да му се посвети повеќе време и да се акцентира неговата важност. Искуствено можам да потврдам дека резултатите потоа брзо ќе дојдат!

Се вчитува...