Поискусните го добија „братскиот дуел“: Трета победа во низа за МЗТ

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром се уште еден чекор поблиску до водечките позиции на табелата во Првата македонска кошаркарска лига, откако вечерва во заостанатиот натпревар од 5. коло беа подобри во „братската пресметка“ со МЗТ Скопје 2, победувајќи со 97-75.

Младите „металски сили“ одговораа на предизвикот во првите 10 минути од играта во кои беа во еден постојан играчки и резултатски егал. Но, од третиот период на играта поискусните комплетно доминираа. Третата четвртина првиот тим на МЗТ Скопје ја доби со 34-17, што им овозможи во оној последниот да играат многу помирно.

Четири од пет стартери во тимот кој го предводи Ѓорѓи Кочов завршија со двоцифрен број поени. Најмногу, 19 поени имаше токму Крстевски, еден помалку даде Олуџоби. Од условно кажано резервистите, во сличен поентерски ефект завршија Бојиќ (14) и Мекиќ (13 поени).

Во составот на Борче Даскаловски со „дабл-дабл“ од 15 поени и 13 скока предначеше Монтгомери, додека Андреј Андоноски постигна 14 поени.

Ова беше шестата победа за МЗТ Скопје Аеродром во девет одиграни меча. МЗТ Скопје 2 пак е на ефект од една победа и девет порази.

Се вчитува...