Пола репрезентација од лето со нови клубови!

Наближува крајот на сезоните во фудбалските првенства, а потоа почнува трансфер лудилото кое ќе биде и тоа како значајно и за македонскиот национален тим. Повеќемината од репрезентативците на лето ќе имаат нови клубови, особено оние носителите на играта, и оние кои беа заслужни за пласманот на репрезентацијата на ЕП, а потоа и во баражот за Мундијалот, кој го загубивме од Португалија.

На дел од македонските репрезентативци им истекуваат договорите, дел ќе бараат нова средина поради испаѓањето во понизок ранг, дел ќе прават трансфер по заслуга, но факт е дека поголемиот дел од националите од идната сезона ќе играат во нови средини.

Нов клуб од лето се очекува да има Столе Димитриевски, првиот голман на репрезентацијата. Иако во зимскиот преоден рок не успеа, Димитриевски е блиску до заминување од Рајо. За него се интересираа Барселона и клубови од Саудиска Арабија, но на крајот Рајо не се реши да го пушти. Димитриевски има договор до 2023 година, и ова е последна можност тимот на Рајо да заработи нешто од негов трансфер, особено сега откако Столе има одлична сезона зад себе во Ла Лига.

Нов клуб се очекува да има и Висар Муслиу. Откако во јануари направи трансфер од Фехервар во Инголштад, германскиот тим идната сезона се сели во третолигашката конкуренција, што ќе значи дека репрезентативецот ќе заминува од клубот. Не е познато дали двете страни се договорија за позајмица или перманентен договор, затоа што детали не се откриваат, но Муслиу ќе има нов клуб. За него во моментов има интерес од германски тимови, па не е исклучено да остане таму, само да ја смени средината.

Нов ангжман на лето се очекува и од Дарко Велковски. Велковски ги одработува последните денови од договорот со Ријека, меѓутоа засега нема најави за нова соработка. Во јануари силно за него беа заинтересирани Малме, Трабзонспор и АЕК, меѓутоа се реши да остане во Хрватска и да ги одработи последните месеци од договорот. Пресврт е можен само доколку Ријека му понуди нова соработка со подобри услови од сегашните. За стоперот на репрезентацијата прашуваат и италијански клубови.

После една сезона мината во Саудиска Арабија, нов клуб и враќање во Европа најавил и Езџјан Алиоски. Алиоски беше поврзуван со трансфер во Италија, но до него не дојде. Сега покрај Италија, интерес за него има од Франција и Швајцарија.

Никола Серафимов има понуди од неколку други клубови од Унгарија, пред се од Фехервар кој силно е заинтересиран да го донесе. Сепак, има договор до 2024 година, и тука ќе се прашува и Залаегерцег.

Договорот на крајот на сезоната истекува и на Тодор Тодороски. Тој во моментов е дел од словачки Серед, меѓутоа веројатно на лето ќе има нов клуб.

Најмногу внимание во летниот преоден рок се очекува да предизвика Енис Барди. Леванте веројатно ќе се пресели во понизок ранг во Шпанија, а тоа ќе значи и заминување на играчот од средниот ред. Листата на заинтересирани клубови е звучна, а денеска повторно се појавија најави дека Арсенал сака да го види во своите редови. Има интерес и од неколку шпански клубови како Бетис, Реал Сосиедад, но и од Италија од Фиорентина.

И двајцата играчи од средниот ред Стефан Спировски и Бобан Николов и напаѓачот Бојан Миовски се очекува да имаат нови тимови. Спировски и Миовски се дел од МТК, кој доколку испадне од унгарската „елита“, а се најсериозни кандидати, тогаш тие ќе бидат слободни и ќе бараат нова средина. Особено за Миовски имаше интерес од германски Фрајбург зимоска. Николов, пак, по успешните настапи на тимот на Шериф во Лигата на шампионите, најави заминување на лето.

И натаму е неизвеисно што ќе се случува со Дарко Чурлинов. Тој е позајмен во Шалке, неговата позајмица истекува за два месеци, и тој ќе треба да се врати во Штутгарт, кој, пак, се соочува со испаѓање од Бундес-лигата.

Ердал Ракип исто така би можел да си отиде од Малме ако шведскиот тим добие некоја добра понуда, исто како и Валон Етеми, членот на Истанбулспор кој бара ангажман во најдобрата турска лига. Иста е ситуацијата и со Милан Ристовски од Спартак Трнава, кој по добрите настапи во првенството и во репрезентацијата чека на добра понуда за да може да отиде во поголемо првенство и поголем клуб.

Неизвесна е иднината и на Ѓоко Зајков. Стоперот е дел од Ворскла Полтава, но нема најави за продолжување на украинскиот шампионат, па лесно може да се случи Зајков да биде слободен играч на лето и да има нов клуб, без да одигра ниту еден официјален меч за украинската екипа. Во моментов игра како позајмен во Славија Софија.

Од оние кои не се во репрезентацијата, а ќе имаат нови клубови на лето се вбројуваат уште неколку играчи. На Илија Несторовски му истекува договорот со Удинезе, и веќе бара нов клуб, исто како и Алекса Амановиќ кој повеќе ќе нема договор со Тобол и ќе бара нов клуб. Адис Јаховиќ од лето исто така ќе може да си бара нова средина без обесштетување, со оглед дека му завршуваат обврските со Гезтепе.

Договорите истекуваат и на Кристијан Тошевски и Филип Најдовски од Тирана, потоа Стефан Чолаковски од Мелбурн Сити, Томче Гроздановски од Злате Моравце…

Се вчитува...