Тренерот на Шкендија, Артим Положани, беше задоволен по пласманот во третото квалификациско коло од Конференциската лига, истакнувајќи дека неговите фудбалери заслужено избориле место во следната рунда со триумфот над Браво со 3-1.
Тој рече дека не било лесно да се игра против тим кој се бранел и кој чекал само противнапади.
„Ова беше многу важен натпревар, а моите играчи го одиграа одлично и заслужуваат сите честитки. Не беше лесно против тим кој игра повлечено и чека шанса преку транзиција, но успеавме да ги неутрализираме нивните најсилни оружја и заслужено победивме“, изјави Положани.
Тој нагласи дека тимот покажал одлична психолошка реакција, особено по примениот гол, бидејќи не дозволил пад во играта и продолжил да создава шанси.
„Најмногу ми се допадна што не го намаливме темпото. Продолживме да напаѓаме и да веруваме во нашиот стил на игра. Од самиот почеток инсистираме на офанзивен фудбал и создавање шанси. Ако постојано креирате можности, головите неизбежно ќе дојдат, без разлика дали во 15, 30 или во последните минути“, истакна стратегот на тетовци.
И покрај победата, тренерот посочи дека има простор за напредок, особено во дефанзивниот дел од играта.
„Не ми се допадна леснотијата со која примавме голови во двомечот со Браво. Тоа е сегмент на кој мора сериозно да работиме. Исто така, ни недостига физичка сила во дуелите, а современиот фудбал бара и такво нешто“, додаде Положани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
