Положани: Шкендија е тим со победнички дух, но не смееме да летнеме во облаци

Артим Положани има причина да биде горд на стартот на сезоната на Шкендија откако тетовци по првите четири рунди имаат максимални 12 бода, од кои шест се освоени против директните ривали за највисок пласман, Вардар и Струга ТЛ.

Токму стружани беа ривали на тетовските „црвено-црни“ на вчерашниот дерби дуел што Шкендија го доби со 2-1 со пеналот на Бесарт Ибраими во второто полувреме.

„Јас добро го знам мојот тим, моите играчи и знам дека можеме многу подобро. Да бидам искрен, не ми се допадна како го одигравме стартот од второто полувреме, дозволивме противникот да диктира, влеговме во паничен период што воопшто не ни прилега. Сепак, покажавме дека Шкендија е тим со победнички дух и менталитет и стигнавме до резултатот што го посакувавме. Им честитав на момците, дојдовме до триумф иако бевме без неколку стандардни првотимци, а против себе ја имавме Струга, тим што поседува значаен квалитет“, истакна Положани.

Стратегот на Шкендија е свесен дека ова е само старт на сезоната и јасно им порача на своите фудбалери – никако не смее да дојде до опуштање.

„Мојата работа како тренер е да им укажам дека мора да се остане цврсто на земја, нема да дозволам да летнеме во облаци по само четири одиграни средби. За време на секој тренинг, на секој натпревар, треба да растеме како екипа бидејќи фудбалот е процес. Првата лига е маратон и трае долго, затоа мораме да останеме скромни, да продолжиме да работиме, да напредуваме бидејќи со таков пристап ќе стигнеме до резултатот што сите го посакуваме на крајот од сезоната“, порачува Артим Положани.

Се вчитува...