Положани: Штета, можевме да се вратиме дома со добар резултат

Артим Положани имаше причина да биде разочаран по завршувањето на дуелот во Единбург, каде Шкендија беше поразена со 2-1 од Хибернијан во првиот дуел од третото квалификациско коло за УЕФА Конференциската лига.

Тетовци имаат за што да жалат пред се поради фактот што вториот гол го примија во судиското продолжение, по една мешаница по корнерот што го изведе шкотскиот состав.

„Вистинска штета, бидејќи бевме на чекор да се вратиме дома со добар резултат. Примивме гол во самиот финиш, гол што можеше да се избегне и искрено жалиме поради тоа. Сепак, ова е елиминациски двомеч, ќе имаме и втор натпревар во Скопје и ќе сториме се за да се пласираме во следната рунда. Немам што да им замерам на момците, дадоа се од себе, бевме блиску до резултат што го посакувавме, сега се вртиме кон наредните предизвици. Шкотите во минатото додека бев фудбалер се жалеа на високите температури во регионов во текот на летото, можеби ќе им биде проблем и овојпат… Сепак, не размислуваме премногу во тој правец насочени сме само кон себе, кон својата игра бидејќи знаеме дека ќе мораме да одиграме стопроцентно од почеток до крај на реваншот ако сакаме да се пласираме во следната рунда“, истакна тренерот на Шкендија, Артим Положани.

Се вчитува...