Македонија е на добар пат со убелдива победа да го отвори новиот циклус од претквалификациите за Евробаскет 2029, откако нашите кошаркари одиграа перфектно прво полувреме во Виена против Австрија и на одмор заминаа со убедливи 30-49. „Црвено-жолтите“ доминираат во сите аспекти на кошаркарската игра држејќи лекција по кошарка на домаќините, и тоа пред голем број на македонски фанови кои се најдоа на трибините во арената во австрискиот главен град.
Мечот го почнавме одлично со две тројки на Ефремовски за водство од 0-6, но домашниот состав експресно се врати израмнувајќи на 6-6. Мекиќ ја прекина мини-серијата на противникот со тројка, потоа и со асистенција до Рајт за први поени на одличниот центар во дресот на македонската репрезентација (6-11). Домашниот селектор зеде тајмаут, но Македонија продолжи да доминира и со фантастичниот цепелин Димитријевиќ – Рајт стигнавме и до првото двоцифрено водство (11-22, 7. минута). Берокал го повлече Рајт од игра, но Македонија предводена од Димитријевиќ имаше целосна контрола, доминираше до крајот на четвртината и ги доби првите 10 минути со убедливи 14-30.
Втората четвртина ја отворивме со тројка на Лука Стојановски, потоа и реализација на Војдан Стојановски за експресно кревање на предноста на 16-35. Тројката на Војдан Стојановски значеше и кревање на разликата над 20 (16-38), по што немоќниот домашен селектор Наглиќ беше принуден да земе тајмаут. Само за момент концентрацијата на нашите кошаркари падна, Австрија намали на 20-38, по што Берокал веднаш реагираше со тајмаут. Австријците влегоа во шутерск ритам и со нови тројки намалија на 28-43, но навреме е стабилизиравме, не дозволивме серијата на противникот да продолжи и на одмор заминавме со убедливи „плус 19“.
Димитријевиќ игра одличен меч со 12 поени, 9 скока и пет асистенции за едно полувреме, Ефремовски има 10 поени за Македонија, а капитенот Војдан Стојановски седум.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
