Поп Ацев повикува на дебата: Ајде да се дознае вистината и ова никому да не му се повтори…

Евгениј Поп Ацев не го крие разочарувањето по тешките зборови што беа упатени на негова адреса во соопштението на Пливачката Федерација на Македонија, откако во последен момент беше откажан неговиот настап на ЕП во Глазгов.

„Нема што многу да се говори, јас од срце зборував за моето разочарување околу ненастапувањето на ЕП, а федерацијата одговори со соопштение со кое тотално не се согласувам, став што јас лично можам да го докажам со бројни факти. ПФМ даде соопштение со кое отиде предалеку, се коментираа моите настапи за оваа година, тоа беше обид да ме деградираат мене и моето семејство. За овие изјави имам докази дека се лажни , но како и да е ако сакаат да ги изнесат овие работи , треба да ги изнесат посебно, а не во обид да го тргнат вниманието од тоа што е вистинскиот проблем или недоразбирање сега“ – вели Поп Ацев.

Воедно, тој ги повика членовите на Управниот Одбор да се изјаснат дали целосно стојат зад ова соопштение откако во текот на вчерашниот ден Александар Поповски си поднесе оставка токму поради начинот на кој се водеше „случајот Поп Ацев“.

 „Имам голема самодоверба дека тоа што го зборувам е вистина и самиот начин на кој одговара ПФМ и лагите и навредите кои ги пласира доволно говори за нивната позиција. Не знам кој стои позади таа изјава но мислам дека треба да им се даде шанса на сите во Управен Одбор да се изјаснат или да се оградат од ваквите напади. Јас со Александар Маленко сум имал нормален однос, како меѓу пливач и претседател на федерација. Имавме мало недоразбирање бидејќи јас сакав самиот да си изберам тренер, истиот што ме следи десет години, а федерацијата сакаше да ми назначи нов тренер, но не верувам дека тоа може да биде причина за една ваква случка“ – истакнува македонскиот пливач.

Поп Ацев го повика раководството на ПФМ на јавна дебата на која отворено би се разговарало за целокупната ситуација.

„Јас не сакам да обвинувам никого без доказ, само говорев за моето лично разочарување, што е сосема нормално. Сметам дека најдобро е да седнеме и јавно да дискутираме за се што се случи, за сите да ја дознаат вистината и што е најважно – ова што ми се случи мене да не му се повтори на ниту еден пливач во иднина“ – порачува Евгениј Поп Ацев.

Се вчитува...