Поради новите протоколи за спортот: Прекин и на сите пингпонгарски натпреварувања

Не поминаа ниту два месеци од започнувањето на пингпонгарските натпреварувања кои беа во прекин од средината на март до средината на септември за истите повторно да бидат прекинати.

Новите протоколи кои ги донесе Владата во областа на спортот за борба против пандемијата од коронавирусот а кои предвидуваат задолжителен ПЦР-тест на играчите и тренерите пред секој натпревар не постар од 72 часа, силно ги погодија клубовите кои, знаејќи дека пингпонгот кај нас се уште не е на професионално ниво, не можат да ги исполнат тие барања.

Поради овие причини Пингпонгарската федерација донесе одлука за прекин на сите натпреварувања додека не се создадат услови кои ќе бидат поволни за продолжување на натпреварите.

Поради прекинот на натпреварите повторно како и во март остануваат нереализирани многу активности кои имааа за цел организација на повеќе натпреварувања пред се за најмладите играчи во категориите помлади од 18 години. Овој викенд требаше да се одржат финалните натпревари од јуниорската лига, кои ќе бидат одржани штом се донесе одлука за продолжување на натпреварите.

Исто така поголемиот број на клубови имаат проблеми и во реализација на тренинзите. Мнозинството клубови своите тренинзи ги одржуваа во спортските сали на училиштата кои исто така се затворени. Останува надеж дека во иднина ќе се подобри ситуацијата за пингпонгарите да можат да ги продолжат сите активности.

Се вчитува...