Алберт Риера е се поблиску до преземање на тренерската позиција во Црвена ѕвезда, а официјалната потврда за неговото доаѓање се очекува најдоцна до четврток, односно до петок наутро. Преговорите со шпанскиот тренер и неговиот агент Енди Бар се во завршна фаза, а според српските медиуми, за четврток во Белград е закажана нова средба.
Во текот на зимата, Риера беше еден од главните кандидати за тренер на белградскиот клуб. И тогаш имаше контакти, но раководството одлучи да го задржи Милоевиќ до крајот на есенскиот дел од сезоната, по што го вратија Станковиќ во клубот. Да не ја победеше Црвена ѕвезда екипата на Лил во групната фаза од Лигата на Европа, Риера ќе го преземеше тимот уште следниот ден.
Откако претходните преговори со Црвена ѕвезда не резултираа со договор, Риера ја продолжи соработката со Целје. Во договорот имаше клаузула за заминување која му овозможуваше да си замине доколку добие понуда од некоја од најсилните европски лиги. Тој ја искористи таа можност во февруари и премина во Ајнтрахт, но во германскиот клуб се задржа само три месеци и моментално е без ангажман.
Шпанецот заврши одлична работа во Словенија. Со Олимпија во сезоната 2022/23 ја освои двојната круна, а забележителни резултати постигна и со Целје. Минатата сезона го освои Купот и го одведе клубот до сензационално четвртфинале во Конференциската лига.
Риера во кариерата играше во голем број европски клубови, а најзапаметен ќе остане по неговиот престој во Ливерпул за кој во две сезони запиша 40 натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
