Поранешен македонски репрезентативец стана тренер во Aкадемијата на грчки Олимпијакос

Поранешниот македонски младински и сениорски репрезентативец Владимир Димитровски, на 34 години почна тренерска кариера. Тој досега настапуваше во Исланд, но се врати на островот Крф, каде што играше за Керкира, и почна тренерска кариера.

Димитровски е назначен за тренер на екипата У-14 на академијата на Олимпијакос на Крф. Станува збор за Aкадемија на еден од најпознатите грчки и европски клубови, кој што има филијали насекаде низ Грција.

„Мојата кариера на тренер официјално започна. Благодарност до господинот Јанис Сфаканакис што ми даде шанса да ја водам екипата до 14 години на академијата на Олимпијакос на Крф“, стои во објавата на некогашниот репрезентативец.

Димитровски има 5 настапи за сениорската селекција на Македонија, главно на пријателски мечеви, а во минатото беше капитен на младинската селекција, за која запиша 19 настапи. Играше за Вардар, Цементарница, Металург, Работнички, а настапуваше и за Вестерло, Млада Болеслав, Керкира, Карабах, Теплице, Докса Драма, Телави, и во Гриндавик.

Во меѓувреме Димитровски покрај тренерската, ја продолжува и својата играчка кареира и ќе игра аматерски во третолигаш на Крф.

Се вчитува...