Куманово ќе биде град домаќин на завршниот турнир од Купот на Македонија во следните две години, а овој град исто така ќе го организира и претстојното издание на Супер-купот на Македонија.
Првиот човек на мак-баскетот, Томица Главчев, денека потпиша договор за соработка со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, со што се продлабочува соработката меѓу двете страни откако кумановци беа домаќини на ланскиот меч на репрезентацијата на отворањето на реновираната сала, а потоа и на завршниот турнир од Купот на Македонија.
„Денеска, заедно со претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Томе Главчев, потпишавме Меморандум за соработка со кој дополнително го зајакнуваме партнерството меѓу Општина Куманово и КФМ.
Нашата заедничка определба е јасна – да создаваме подобри услови за развој и унапредување на кошарката, спортот и спортските вредности, како и да го афирмираме Куманово како град со богата спортска традиција и потенцијал за организација на големи спортски настани.
Особено ме радува што, во рамките на договорената соработка, заеднички изразивме намера Суперкупот на Македонија во машка и женска сениорска конкуренција да се одржи во Куманово на 26 или 27 септември 2026 година.
Дополнително, Куманово ќе биде домаќин и на завршните натпревари од Купот на Македонија во 2027 и 2028 година, во машка и женска сениорска конкуренција.
Ова е уште една потврда дека Куманово има капацитет, инфраструктура и потенцијал да биде домаќин на натпревари и спортски манифестации од највисок ранг.
Како локална самоуправа, продолжуваме со континуирани инвестиции во реконструкција, модернизација и унапредување на спортските капацитети, создавајќи подобри услови за нашите спортисти, клубови и граѓани, но и можности Куманово да биде домаќин на значајни домашни и меѓународни натпревари.
По потпишувањето на Меморандумот, ја посетивме спортската сала во Куманово, каде што ќе се одржуваат натпреварите, при што ги разгледавме условите и капацитетите за организација на првенствата.
Продолжуваме заедно да го развиваме спортот и да го градиме Куманово“, објави Максим Димитриевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
