Потврдено: Бенџамин една сезона во дресот на Работнички

Двејн Бенџамин и официјално е ново име во таборот на Работнички, откако управата на „центарци“ потврди дека постигнала договор за едногодишна соработка со одличниот крилен кошаркар. Станува збор за играч кој е добро познат на кошаркарската јавност во нашата земја, по извонредните настапи пред две сезони во дресот на Блокотехна, кога Бенџамин важеше за еден од најдобрите кошаркари во македонското првенство.

Тој по Блокотехна замина во Чешка, имаше и кратка авантура во Словачка, за летово да го прифати предизвикот за враќање во македонскиот шампионат, и тоа во најтрофејниот клуб во нашата земја. Бенџамин е третото странско засилување на Работнички летово, откако претходно беа договорени и трансферите на Хејден Лесколт и на Крис Кокли.

Од домашните играчи, тренерот Мираковски во својата дебитантска сезона на клупата на „центарци“ ќе може да смета на Главчев, Ефремовски, Николовски, Григоријевиќ, Младеновиќ и на Србинот со македонски пасош, Теодор Атанасов.

Се вчитува...