ПОВТОРНО ФУДБАЛ – Брегалница одмазднички за „петардата“ од есенскиот дел против Ренова ја почнува „пролетта“!

Со денешниот натпревар од 19. коло во Првата македонска фудбалска лига меѓу Брегалница и Ренова во Штип стартува пролетниот дел од сезоната во елитниот домашен фудбал.

Брегалница го приреди најголемото изненадување низ зимскиот преоден рок со ангажманот на поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски на позицијата шеф на стручен штаб во желбата за дополнително засилување на амбициите за што повисок пласман. Па сега, стартот на пролетниот дел од шампионатот е повеќе од силен мотив за избраниците на Ѓорѓиоски за позитивен резултат на домашен терен токму против Ренова како начин за одмазда за оној убедлив пораз од 5-2 од есенскиот дел во Тетово.

Капитенот Даниел Мојсов е оптимист пред средбата, верувајќи дека може да се дојде до посакуваните бодови и покрај тоа што „сините“ ги чека тежок натпревар.

„Не чека навистина тежок натпревар против цврст противник кој игра за највисок пласман во лигата. Нема воопшто да ни биде лесно. Навистина ја почитуваме Ренова, но и ние имаме свои амбиции кои не водат оваа сезона. По квалитетните игри во Анталија сигурно посакуваме продолжение во ист стил. Нашата желба е секако победата за која ќе мора секој од нас да го даде максимумот“ – вели Мојсов.

Од друга страна, бодови очекуваат и во таборот на „гипсарите“…

„Знаеме што не чека во Штип. Гостуваме на квалитетен тим како Брегалница, но мислам дека квалитетот на двата тима е израмнет и ќе биде неизвесен дуел. Ова е старт на пролетниот дел од сеоната, и сигурно има доволно мотив во нашите редови за позитивен резултат“ – вели најдобриот офанзивец на Ренова, Ремзифаик Селмани.

Натпреварот меѓу Брегалница и Ренова од Штип директно ќе биде пренесуван на програмите на МТВ и Спорт Арена.

ПРВА ЛИГА – 19. КОЛО (денеска, 14 ч.)

Штип: БРЕГАЛНИЦА – РЕНОВА

УТРЕ (14 ч.)

Тетово: ШКЕНДИЈА – СТРУГА ТЛ

Скопје: СКОПЈЕ – БОРЕЦ

Скопје: ШКУПИ – АК. ПАНДЕВ

Битола: ПЕЛИСТЕР – РАБОТНИЧКИ

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – ТИКВЕШ

Се вчитува...