Пред Антиќ и Црвена звезда потклекна и Макаби

Црвена звезда и оваа сезона покажува дека ќе биде тежок залак за сите ривали во Евролигата, откако во вториот меч во Белград  „црвено-белите“ ја забележаа и втората победа. По Барселона, вечерва пред Перо Антиќ и соиграчите потклекнаа и кошаркарите на Макаби, на кои и предноста од десет поени од првото полувреме им беше недоволна за да го освојат Белград.

Поголемиот дел од првото полувреме мина во израмнета битка, но гостите од Израел одиграа фуриозно во последните десет минути и на одмор заминаа со огромни 39-49. Црвена звезда не само што не се откажа, туку и експресно се врати во мечот по серијата прецизни шутеви на Бјелица. Финишот беше неизвесен до последниот свиреж на судијата, откакоо Макаби израмни на 84-84, пред Рочести да погоди од положување за водство на Црвена звезда (86-84) на 15 секунди до крајот. Макаби во последниот напад тргна на тројка преку својот дотогаш најдобар играч Томас, неговиот обид не беше прецизен, па „црвено-белите“ на крајот забележаа уште една голема победа на домашен терен.

Перо Антиќ го заврши мечот со седум поени, три скока и две асистенции, а најефикасни кај шампионот на АБА-лигата беа Рочести со 22 и Фелдеин со 19 поени. Најефикасен кај Макаби беше Дешон Томас, но неговите 28 поени сепак беа недоволни за триумф во Белград.

Реал Мадрид во четвртото коло ја забележа и својата четврта победа, триумфирајќи убедливо на гостувањето против Жалгирис со 66-87. Лука Дончиќ повторно беше феноменален со 28 поени, 9 скокови и 4 асистенции за „кралскиот клуб“, целосно преземајќи ја улогата на лидер на „кралскиот клуб“ во ситуација кога Љуљ е повреден.

Се вчитува...